Новото раководство на Јавното претпријатие (ЈП) „Еко Струга“ обвинува дека претпријатието, кое стопанисува со јавните паркиралишта во Струга, било оставено во сериозни финансиски проблеми и без соодветни механизми за контрола. Според директорот Абдулади Шазиманоски, при преземањето на функцијата бил затекнат долг од над 1,5 милиони денари (околу 25.000 евра), како и бројни неправилности во работењето.
Од претпријатието велат дека при увидот во документацијата биле констатирани несоодветно евидентирани приходи, непродуктивни расходи и фактури за набавки кои, според нив, не биле поврзани со потребите на јавното претпријатие. Меѓу документите, како што тврдат, се пронајдени и сметки за набавка на поголеми количества алкохолни пијалоци и други производи, кои биле заведени и архивирани со службен печат.
„Пронајдени се поголем број на сомнежи за финансиски злоупотреби, почнувајќи од ниско евидентирани приходи, непотребни трошоци, па се до сомнителни фактури. Што се однесува до сомнителните фактури, постојат многу случаи каде што со сретствата на претпријатието се купувале големи количини алкохолни пијалоци и други производи кои не одговараат на потребите на претпријатието или на вработените. Тие фактури се евидентирани и се архивирани со печат на јавното претпријатие“, вели Шазиманоски.
Според него во претпријатието немало воспоставен систем на работа и јасни правила, а дел од вработените извршувале задачи кои не соодветствувале на нивните решенија за вработување. Работните обврски, според него, најчесто биле давани усно, без писмена евиденција.
„Поголемиот дел од работните налози им биле давани усно од поранешната директорка, без писмена документација. Ова го потврдува и фактичката состојба на терен, каде што паркинг-зоните воопшто не изгледаат како такви. Поголемиот дел од нив се со оштетена инфраструктура, со дупки, без потребна сигнализација и без обележани линии“, вели директорот на „Еко Струга“.
Посебен сомнеж, како што наведува новото раководство, предизвикуваат и податоците за приходите остварени во текот на летната сезона. Според нив, износите прикажани за месец јули не ја одразувале реалната посетеност на градот, кога Струга бележи најголем број туристи и иселеници.
Од ЈП „Еко Струга“ најавуваат дека за утврдените неправилности ќе бидат известени надлежните институции, а ќе биде побарана и ревизија од Државниот завод за ревизија.
Од претпријатието велат дека во изминатите два месеци е регистриран раст на приходите од околу 30 проценти во споредба со истиот период минатата година како резултат на засилените контроли и спречувањето на евентуалните злоупотреби.
С. ВРЕНЦОВСКА



