ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ 4 МЕСЕЦИ ПОСТАВУВА АТМОСФЕРСКА КАНАЛИЗАЦИЈА ВО НАСЕЛБАТА ХРОМ, ЖИТЕЛИТЕ ОСТАВЕНИ БЕЗ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ

    ОПШТИНА ЃОРЧЕ ПЕТРОВ 4 МЕСЕЦИ ПОСТАВУВА АТМОСФЕРСКА КАНАЛИЗАЦИЈА ВО НАСЕЛБАТА ХРОМ, ЖИТЕЛИТЕ ОСТАВЕНИ БЕЗ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗУлицата е долга 900 метри, а градежните работи за поставување на цевките сè уште траат. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на скопската населба Хром четврти месец се без автобуски превоз. Автобусот со број 4 не доаѓа во Хром од 3 март, откако Општина Ѓорче Петров почна со градежни работи за поставување на атмосферска канализација и реконструкција на улицата Воин Драшкоци.

    Улицата е долга 900 метри, а градежните работи за поставување на цевките сè уште траат. Допрва треба да се реновираат тротоарите, да се поставуваат рабници, нови шахти и целосно корнење и поставување нов асфалт.

    „Со ова темпо уште 4 месеци ќе ја прават улицата. Цело лето ќе останаме без автобус, па по горештиниве ќе мораме да одиме пешки до Влае. Колите ги искршивме возејќи до дупкиве, се изнадишавме прашина. Како да живееме на градилиште, од сегде се градат згради, улицата раскопана и во прашина“, велат жителите на Хром.

    Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски вели дека градежните работи се одвиваат со поспоро темпо бидејќи изведувачот наишол на подземни инсталации.

    „Мора да се копа рачно за да не се погоди некоја цевка па да се направи поголем проблем. Тоа што нема податоци за инсталациите под земја ни претставува голем проблем. Според најавите на изведувачот, за еден месец улицата ќе биде готова. За проблемот со автобусот ќе разговарам со надлежните во ЈСП ‘Скопје‘ да се најде решение за јавен превоз за жителите“, вели Стојкоски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира