Од 22 јуни до 1 јули нема да сообраќа ниту еден патнички воз од Скопја во правец на Велес, Гевгелија и Битола, бидејќи ќе се изведуваат градежни работи.
„Поради изведување на завршните градежни работи на пругата Скопје-Велес, на делницата од станица Скопје до станица Зелениково за потребите на проектот ‘Градски воз’, привремено од 22.6.2026 до 1.7.2026 година, нема да сообраќаат возовите“ , соопштија од Јавното претпријатие (ЈП) Македонски железници (МЖ)-Инфраструктура.
Нема да сообраќа дури ни патничкиот воз кој напладне сообраќаше од Битола во 12:46 часот и веднаш по пристигнувањето во Велес во 15:25 се враќаше назад, иако не ја минува релацијата која се реконструира Скопје-Зелениково.
Овие десет дена во Македонија ќе сообраќаат само двата патнички воза, утринскиот и пладневниот кон Куманово и исто толку назад кон Скопје.
Последните две седмици патничките возови кон Гевгелија бележеа огромно задоцнување, по два-три часа. Се случуваше утринскиот од Скопје наместо во 7:22 чaсот да мине низ Велес во 11:35 часот, а вечерниот наместо во 7:40 часот да замине во 9:15 часот. Имаше денови кога попладневниот воз од Скопје не замина за Гевгелија со тоа и утринскиот од Гевгелија за Скопје да не сообраќа. За ова одговор не дадоа ниту од ЈП МЖ-Инфраструктура ниту од АД МЖ-Транспорт.
П. ПЕЧКОВ



