Претседателот на САД Доналд Трамп го претстави новиот, привремен претседателски авион „ер форс уан“ (Air Force One) во хангар во воената база Ендрјус, еден ден откако претставници на Белата куќа се простија од еден од двата авиони „боинг 747“ што повеќе од 30 години се користат за превоз на американските претседатели. Новиот авион, поранешен џамбо-џет во сопственост на Катар, означен како „VC-25B“ и обоен во впечатлива комбинација од црвена, бела, темносина и златна боја, му беше подарен на Трамп од заливскиот емират.
Ова предизвика бран политички критики, бидејќи авионот, чија вредност се проценува на 400 милиони долари, далеку го надминува законскиот лимит за непобарани подароци од ист извор, кој изнесува 50 долари во текот на една календарска година. Трамп ги отфрли критиките за овој аранжман, велејќи дека би било „глупаво“ да се одбие таквата понуда. Тогашниот портпарол на Пентагон, Шон Парнел, изјави: „Секретарот за одбрана прифати ‘боинг 747’ од Катар во согласност со сите федерални правила и прописи.“
Подарокот од Катар служи како „преоден“ авион што ќе го превезува претседателот сè додека не пристигнат новите авиони нарачани директно од „боинг“. Во моментов, се очекува тие да бидат испорачани во 2028 година.
Новиот авион се откажува од светлосината надворешност од ерата на Џон Ф. Кенеди на стариот авион и наместо тоа има понагласен изглед, со долниот дел обоен во темносина боја и црвена линија над него. На левата страна на авионот, од каде што се качува претседателот, се наоѓа претседателскиот печат, додека на опашката е поставено огромно американско знаме.
„Овој авион беше претворен во летечка Бела куќа на ниво на луксуз какво што никој досега не видел“, изјави Трамп од внатрешноста на огромниот хангар во базата, додека неколку стотици припадници на Воздухопловните сили присуствуваа на настанот. Тој зборуваше откако со впечатлив настап излезе од новиот авион, додека се слушаше неговата препознатлива песна „Боже, благослови ја Америка“ (God Bless the USA).
„Сега, кога слетуваме на аеродроми во Лондон, во Германија и на други места, никој не може да се спореди со овој авион, и така треба да биде за нашата земја“, рече Трамп, додавајќи дека боите и дизајнот се „по мој вкус, би рекол“. Тој кажа и дека новиот авион ќе изврши прелет за време на прославите на Денот на независноста 4 Јули.
Трамп потврди дека следниот месец ќе патува со новиот авион на самитот на НАТО во Анкара, Турција, и кажа дека „во одреден момент“ повторно ќе отпатува во Кина, веројатно мислејќи на самитот на АПЕК чиј домаќи во ноември ќе биде Кина. Тој рече дека неговото враќање од самитот на Групата 7 во Франција оваа недела било последното планирано патување со стариот претседателски авион.



