ШТИПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ МУ ГО ОТСТАПИ НА МВР СВОЈОТ „КАМПУС 4“

    ШТИПСКИОТ УНИВЕРЗИТЕТ МУ ГО ОТСТАПИ НА МВР СВОЈОТ „КАМПУС 4“„Кампус 4“ е лоциран на влезот во Штип од правец на Скопје до зградичка на постојната Републичка сообраќајна станица на МВР во Штип(Фото: СДК.МК)  

    Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) во Штип ја даде на користење на Министерството за внатрешни работи зградата на „Кампус 4“, која досега беше наменета за студентите на Филолошкиот факултет и Факултетот за туризам, потврди ректорот на УГД Дејан Мираковски. Тој вели дека отстапувањето, кое е по барање на МВР, одговора и на Универзитетот затоа што „Кампус 4“ е единствениот објект кој е надвор од градот, за разлика од останатите факултети кои се во центарот.

    „Кампус 4“ е лоциран на влезот во Штип од правец на Скопје и студентите од Филолошкиот и од Факултетот за туризам мораа да одат пеш или да користат посебен превоз за да присуствуваат на настава или на полагање испит.

    Мираковски вели дека во план е еден дел од студентите да се преселат во зградата на Факултетот за образовни науки, а останатите студенти во зградата кај таканареченото Текстилно училиште во Штип. И двата објекта се во центарот на градот, каде УГД има свои нови реновирани простории.

    Од МВР засега нема информации за што ќе ги користи просториите на двата факултета, но до нив се наоѓа зградичка на постојната Републичка сообраќајна станица на МВР во Штип која на оваа локација е на едно ниво. Службата има потреба од поголем простор и потреба за поголема кадровска екипираност со оглед дека на одалеченост до три километри се наоѓаат големата обиколница кај Штип од експресните патишта за Кочани и Радовиш, како и новиот автопат Три Чешми- Миладиновци кои бараат поголем ангажман од сообраќајните служби.

    Т. ЈОВАНОВСКИ 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира