Десничарскиот кандидат Абелардо де ла Есприела тесно победи на претседателските избори во Колумбија, покажува првичното пребројување на гласовите, што може да доведе до драматична промена во начинот на кој владата ќе се справи со внатрешниот вооружен конфликт. Де ла Есприела, кој беше поддржан од Доналд Трамп, вети воена акција против илегалните вооружени групи, трговијата со дрога и криминалот.
Со над 99 отсто преброени гласови, Де ла Есприела освои речиси 49,7 отсто од гласовите, додека левичарот Иван Сепеда, близок соработник на претседателот Густаво Петро. доби 48,7 отсто во вториот круг. Сепеда досега не го признал поразот.
„Денеска започнува нова етапа за нашата земја, изградена врз слободната и демократска волја на милиони граѓани, кои избраа да веруваат во голема, безбедна, просперитетна Колумбија, полна со можности“, изјави Де ла Есприела.
Тој вети лојалност кон уставот на земјата од 1991 година и рече дека ќе го штити.
Де ла Есприела е адвокат и бизнисмен без претходно политичко искуство, а на митинзите често носеше дрес од колумбиската фудбалска репрезентација, поздравуваше во војнички стил и им се обраќаше на толпите зад непробојни стаклени паравани.
Вооружениот конфликт во Колумбија трае со децении, но ескалираше во последните неколку години. Членството во герилските групи и картелите се удвои во последните пет години. Критичарите на сегашниот претседател Петро велат дека неговата стратегија на тотален мир и давање приоритет на преговорите со вооружените групи не успеала, вклучително и со тоа што им дозволила да ги искористат примирјата за да ги прошират своите влијание и територии. Наспроти ова, Де ла Есприела вети дека ќе ги откаже сите преговори со нелегалните вооружени групи и ќе почне поцврста воена акција против нив.



