По 35 години, повторно проработи базенот во Спортско-рекреативниот центар (СРЦ) „Сарај“ во Скопје. Олимпискиот базен кој во 1970-тите и 1980-тите години заедно со Езерото Треска беше главно излетничко место во лето, со години не работеше, беше запуштен, обраснат со трева, преполн со ѓубре и руиниран.
Од ова лето е реновиран и ставен во функција. Со базенот стопанисува приватната фирма „Дути-аква ресторан“ од Крушопек, која го добила под концесија на 25 години.
Од Општина Сарај ни изјавија дека во 2023 година со одлука на Владата базенот е доделен во владение на Општината. Потоа бил спроведен јавен оглас за давање под концесија на базенот кој со години беше руиниран, со цел да се врати во функција и повторно СРЦ „Сарај“ да биде едно од главните излетнички место во градот.
Сопственикот на фирмата-концесионер Елфат Шаќири, при посетата на базенот, ни изјави дека го добиле под концесија од 25 години, за месечна кирија од 49.600 денари (околу 800 евра).
„Три месеци го чистевме од ѓубре и треви. Базенот комплетно е реновиран и просторот околу него. Останува уште да се реновираат соблекувалните. Скокалницата по која беше познат овој базен ја срушивме бидејќи по направените испитувања ни беше речено дека не е безбедна и може да падне. Имаме лиценциран спасувач кој е ангажиран во соработка со Црвениот крст“, вели Шаќири.
Билетот чини 300 денари за возрасни и 150 денари за деца.
СРЦ „Сарај“ е едно од најстарите излетнички места во Скопје, со површина од 240.000 метри квадратни на устието помеѓу реките Вардар и Треска. Според податоците од ЈП „Паркови и зеленило“, изграден е во 1948 кога бил предвиден и со урбанистичкиот план како регион Сарај-Матка, исполнет со базени, фудбалски игралишта, трибини и патеки. Подоцна, регионот Сарај-Матка прераснува во центар за спорт и рекреација со терени за спорт покрај реката Вардар и Езерото Треска. Во 1955, урбанистичкиот план е ревидиран и е изграден базенот, фудбалските игралишта и другите објекти за рекреација. Во 1964 е направен нов урбанистички план, со кој биле испланирани јавното зеленило и спортско-рекреативните реони. Додека во 1971, од „Паркови и зеленило“ е направен проект за Спортски центар „Сарај“, со кој се дефинирани градското и вонградското зеленило, со паркови, плоштади и други зелени површини по бодовите на Скопје – вонградското зеленило, како и зеленилото за активна и пасивна рекреација.
А. АНТЕВСКА





