Во Македонија бројот на пензионери се израмнува со бројот на работници. Врз основа на податоците од матичната евиденција на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ), бројот на осигурениците е 556.294 лица додека бројот на пензионери е 343.048 лица, односно соодносот пензионери/осигуреници на крајот од 2024 година изнесувал 1:1,63 и бележи намалување во однос на 2023 кога изнесувал 1:1,70. Ова се вели во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за 2024 година, кога е исплатена првата половина од ветеното линеарно покачување на пензиите од по 2.500 денари. Таа година бил извршен трансфер на пари од Буџетот во износ од дури 36,71 отсто во вкупните приходи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, утврди државниот ревизор кој даде негативе извештај за работата на Фондот.
„Наплатените придонеси не се доволни за покривање на дефицитот во пензискиот систем на државата. Зголемените приходи не се доволни за покривање на дефицитот за исплата на пензиите во 2024 година, поради што се вршат трансфери од Буџетот на државата кои учествуваат со 36,71% во вкупните приходи на Фондот“, вели ДЗР.
Со извршената ревизија за 2024, изразено е неповолно мислење за вистинито и објективно прикажување на финансиската состојба и за резултатите од финансиските активности, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики.
Со спроведената ревизија ревизорите, меѓу другото, утврдиле дека приходите од наплатен придонес за пензиско-инвалидско осигурување (ПИО) во 2024 година се зголемени за 14% во однос на претходната 2023 година и изнесуваат 71.435.601.000 денари со учество од 61,74% во вкупно остварените приходи. Оствареното зголемување на приходите во 2024 година и понатаму не е доволно за покривање на расходите за пензии кои исто така секоја година бележат раст и во 2024 година изнесуваат 90.277.241.000 денари.
Придонесот за ПИО изнесува 18,8% од бруто платата за 2024 година. Приходите од наплатен придонес за ПИО во 2023 година изнесувале 62.609.652.000 денари.
Процентот на средствата кои се одвојуваат од Буџетот на државата до 2018 континуирано се зголемувал, за од 2019 да почне бележи тренд на намалување. Во 2024, кога се случува првото линеарно покачување на пензиите, учеството на трансферираните средства од Буџетот на државата учествува со 36,71% и бележи зголемување од 4,14 % во однос на 2023 година.
Ревизијата укажува на слабости во начинот на пресметката и навремената уплата на придонесите за осигурениците во вториот пензиски столб. Иако Фондот ги изготвува пресметките и ги доставува до надлежното министерство во законски утврдениот рок, средствата не се трансферираат навремено, при што во 2024 доцнењето изнесува во просек околу два месеца. Заклучно со 27 февруари 2026, утврден е долг од 2.592.918.000 денари по основ на нераспределени придонеси кон приватните пензиски друштва.
Ревизијата утврди дека Фондот не врши навремена уплата на придонесите и за здравствено осигурување на пензионерите кон Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), иако има законска обврска за тоа. Во 2024 и 2025 година исплатите се вршени со задоцнување од неколку месеци, при што до 28.02.2026 година придонесите се исплатуваат со доцнење од осум месеци. Вкупната неисплатена обврска за периодот од јуни 2025 до јануари 2026 година изнесува 8.415.865.000 денари односно 136.400.000 евра. Оваа состојба овозможува пензионерите да користат здравствени услуги без навремено уплатени придонеси, што негативно влијае и врз ликвидноста на Фондот за здравствено осигурување.
Фондот во континуитет се соочува со недостиг на кадровски капацитети на стручен и обучен кадар во секторите клучни за дејноста, вели ДЗР.
С. К. ДЕЛЕВСКА



