Лидерот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, еден од коалициските партнери во Владата на Христијан Мицкоски, кажа дека утре, 24 јуни, ќе се донесе конечната одлука за реконструкција на Владата. Тој веќе имал разговори со премиерот и работните групи, но клучната средба ќе се одржи утре.
„Утре ќе имаме нова средба, кога ќе биде донесена конечната одлука. Како и да е, односите помеѓу коалициските партнери се на највисоко ниво и сметам дека многу објективно ги согледуваме состојбите и потребите, бидејќи власта треба да се прилагоди кон потребите на општеството и граѓаните. Во спротивно е само власт, а ние немаме намера да бидеме само тоа. Ќе се посветиме да бидеме во функција на граѓаните и секогаш сме подготвени да ги бараме сопствените грешки и пропусти“, кажа Димитриевски.
На прашањето дали ЗНАМ ќе ги задржи истите министерски и директорски места што сега ги има, Димитриевски, кажа дека засега разговараат само за министерските ресори и сите опции се отворени.
„Треба да се слушнат сугестиите на владините партнери, но и да се согледаат и сондажите и анализите на граѓаните, колку тие се задоволни од реализацијата на проектите во одредени ресори. Ние не разговараме само за местата во ЗНАМ, туку за сите места во Владата и за реализацијата на владината програма во изминатите две години“, додаде Димитриевски.
Запрашан дали тој има забелешки за работата на Владата или е целосно задоволен, одговори дека во некои ресори можело да биде подобро.
„Јас им го кажав тоа отворено на премиерот и на владините партнери. Како и да е, факт е дека оваа Влада ја презеде државата во една многу тешка состојба, во минус. Сега сме на позитивна нула и сметам дека работите одат во позитивна насока. Но, секако, во многу ресори може да се работи подобро“, кажа Димитриевски.
Во однос на барањето на СДСМ за предвремени парламентарни избори наредната година, смета дека опозициската партија тактизира и ќе се повлече доколку им се удоволи барањето. Кажа дека ЗНАМ е подготвена за изборите, но тој е против, затоа што при секои избори има неколкумесечен застој во развојот на државата.
С. НИКОЛИЌ



