Почина Јован Павловски, еден од најзначајните македонски писатели, публицисти, енциклопедисти и новинари, објави семејството. Имаше 89 години. Беше долгогодишен новинар и уредник во „Нова Македонија“, нејзин дописник од Париз и Москва, професор по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје и трикратен претседател на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).
Неговото повеќе од шестдецениско творештво се остваруваше во три клучни области: литературата, публицистиката и енциклопедистиката. Во прозата најголемо влијание оставија романите „Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко“ (1972), оценет како прв македонски политички роман и добитник на „Рациново признание“, и „Сок од простата“ (1990), едно од најчитаните и најконтроверзни дела во современата македонска литература. Во поезијата особено се издвојуваат збирките „Медеја“ (1969) и „Идентитет“ (1974), препознатливи по тематската иновативност и преокупацијата со идентитетот и човековото постоење. Во литературата за деца најпознати се книгите „Мишо ишо шо о“ (1972) и „На сите светски страни само Ани, само Ани“ (1980), наградени како најдобри книги за млади.
Како публицист, траен белег остави со „Бев со нив“ (1977), првата книга интервјуа во македонското новинарство, и „Гемиџиите“ (1977), едно од неговите најобјавувани дела. Како енциклопедист беше главен уредник и коавтор на капиталните изданија „Личности од Македонија“ (2000) и четиритомната „Ми-анова енциклопедија, општа и македонска“ (2006).
За својата работа доби бројни признанија, меѓу кои „Рациново признание“, „Стале Попов“, „Мито Хаџивасилев-Јасмин“, „Климент Охридски“, „Крсте Мисирков“ за животно дело и Орден на Републиката со сребрени зраци.
Павловски е татко на уставната судијка Ана Павловска-Данева и на театрологот и книжевен критичар Мишел Павловски.



