На судењето за пожарот во диското „Пулс” во Кочани на 16 март 2025 со 63 жртви, денеска се изнесуваат материјалните докази против обвинетите од Министерството за економија кои од 2012 до март 2024 без проблем ѝ давале лиценци на дискотеката како за кабаре, иако не исполнувала ни минимум услови.
Обвинителката Наташа Сарамандова цело време беше прекинувана од обвинетите и од нивните адвокати. Жестоки дуели имаше во судницата како реакција на нејзиното детално објаснување на околностите на кои се поднесени доказите, за тоа кој документ што кажува и што е најбитното во нив, што за еден од адвокатите беше доволно да заклучи дека Сарамандова била пристрасна. Тој побара нејзино изземање.
Судијката Диана Груевска-Илиевска даде пауза, времено ја тргна Сарамандова од презентирање докази, додека државниот обвинител Ненад Савески не одлучи за нејзиното изземање.
Родителите на загинатите деца многу се вознемирија и во знак на протест за обвинителката, расплакани излегоа надвор од судницата.
Според изнесените докази, само првото барање за лиценца за работа поднесено од газдата, обвинетиот Дејан Јованов, било одбиено од Министерството за економија.
„Овде е важно дека додека функционирал системот, обвинетите Ваљон Сараќини, Шофкет Хајдари и другите одговорни во Министерството за економија го одбиле барањето на Дејан Јованов”, рече обвинителката Сарамандова.
На 10 октомври 2012, Министерството за економија го одбило барањето за лиценца од „Класик ДОО“ од Кочани. Министер бил обвинетиот Сараќини. Но, само еден месец по одбивањето, во ноември 2012, СВР Штип вели дека „Класик“ ги исполнува условите. Министерството за економија по само еден месец отвора нов предмет. Веќе на 13 декември 2012, истиот министер, обвинетиот Сараќини, потпишува лиценца за „Класик“. Претходно се премислува и СВР Штип и дава согласност дека „Класик“ Кочани ги исполнува условите.
Сараќини на Дејан Јованов му дава лиценца и во 2013, а во 2014 и 2015 лиценца му потпишува министерот Беким Незири, исто така обвинет во овој предмет. Наредните години, лиценците за „Класик“ и за кабарето „Пулс“ ги потпишувале обвинетите министри Дритон Кучи и Крешник Бектеши.
Во почетокот Јованов го изигрувал законот. Од барањето за лиценца за 2012, како што посочи обвинителката Сарамандова, видно е дека тоа се однесува за адреса на улица Димитар Влахов б. б., каде што е седиштето на „Класик М“ и во тоа време нема регистрирана подружница („Пулс“), додека во однос на исполнетите услови штиклирани се сите, освен во делот на обезбедени доволен број помошни излези за 200 посетители.
На 19 октомври 2012, градоначалникот Ратко Димитровски се обраќа до Министерството за економија со прашање дали ќе добива Дејан Јованов дозвола, укажувајќи дека кабарето не ги исполнува условите. Општината му одговара на Јованов дека нема да добие одобрение за паркинг, оти тоа е паркинг за производствен погон.
Во продолжение беа изведени докази како сопственикот на „Класик М“ и на „Пулс“, Дејан Јованов, ништо не сменил во производствениот погон маскиран во кабаре со пластика, сунѓер и светкав материјал и со само еден излез, а добивал без проблем лиценци за работа секоја година, заклучно со 2024.
С. К. ДЕЛЕВСКА



