Девет независни граѓански иницијативи побараа итни измени на Изборниот законик со кои ќе се изедначат условите за учество на изборите со оние што важат за политичките партии, за сите учесници да имаат фер, еднаков и реално достапен изборен процес. Во повикот, потпишан од „Шанса за Центар“, „Независи заедно“, „Подобро за Тетово“, „Ред за Куманово“, „Поинаку – Битола“, „Зелените од Гази Баба“, „Стига е – Струмица, Ново Село и Босилово“, „Ја штитам Беласица – Ново Село“ и „Движење правда“ граѓански иницијативи кои имаат освоено советнички мандати на локалните избори, се бара граѓанските иницијативи неодложно да бидат вклучени во процесот на одлучување и носење на измените на Изборниот законик.
„Најостро протестираме што Министерството за правда не одговори на листата со барања од независните иницијативи доставена на средбата во Министерството, со учество на девет независни групи. По средбата, не добивме јасен писмен одговор: дали нашите барања ќе бидат разгледани, дали се прифатливи, кои од нив ќе влезат во законските измени и кога ќе бидеме вклучени во суштинска расправа“, се вели во соопштението за средбата која се одржа на 16 април во Министеството за правда.
Демократијата не смее да биде резервирана само за партиите, велат независните граѓански иницијативи кои ги објавија и барањата.
Тие бараат разумен, пропорционален и реално достижен број на потребни потписи за независни кандидати и листи. Можност потписите да се собираат и на терен, пред овластени лица, по јасни и контролирани правила. Продолжување на рокот за собирање потписи од 15 на 30 дена. Јасно означување на независните листи со име на гласачкото ливче. Ист реден број за кандидатот за градоначалник и советничката листа кога се од ист предлагач. Вистинска, еднаква и транспарентна ждрепка за утврдување на редоследот на гласачкото ливче. Можност независните иницијативи да поднесуваат и делумни советнички листи, наместо задолжително целосно пополнети листи. Можност кандидатот за градоначалник истовремено да биде и кандидат на советничката листа од истиот предлагач. Еднаков пристап до медиуми, дебати, информативни програми, билборди и платено политичко рекламирање. Еднаков пристап до финансирање и враќање на надоместокот според освоени гласови, под исти услови како за политичките партии. Поедноставување на регистрацијата и финансиско-административните обврски за независните иницијативи, особено за оние што веќе освоиле мандати.
„Нашите барања не се барања за привилегии. Тие се барања за еднакви правила, за политички плурализам и за вистинско право на граѓаните активно да учествуваат во политичкиот живот без непропорционални административни, финансиски и медиумски бариери.Демократијата не се мери само според тоа дали избори се одржуваат. Таа се мери според тоа дали граѓаните имаат реална можност да се организираат, да се кандидираат, да бидат видливи, да комуницираат со јавноста и да добијат фер шанса да ја побараат довербата на избирачите“, велат деветте независни иницијативи.



