Два пожара попладнево опустошија големи површини на обработлива површина и неколку објекти во околината на Велес. Огнот кој утринава се појави покрај патот Велес-Штип, кај месноста Штипско Џаде, се прошири на два различни дела од општината.
Првиот крак беше во околината на село Мамутчево, додека вториот крак кон месноста Трите Дола. Горела сува трева.
Во месноста Трите Дола има изгорено лозја, овоштарници, сандaци со пчели, викендички. На терен се екипи на Противпожарната единица од Велес, доброволното друштво „Бабуна“ од Чашка, сопственици на имот кои се обидуваат да го спасат лозјето и овоштарниците од огнот, вработени од Шумско стопанство „Бабуна“ Велес, од комуналното претпријатие „Дервен“.
Ветерот кој дува од север го однесе огнот во правец кон Дервенскиот Поток и Саботната Вода и мостот од автопатот Гевгелија-Скопје. Во локализирањето на огнот доцна попладнево се приклучи и еден авион „ер-трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).
П. ПЕЧКОВ



