Повторното отворање на граничниот премин Маркова Нога во Преспа ќе нема само политичко, економско и билатерално значење. Преминот ќе биде и место за историско сеќавање бидејќи непосредно до него, на македонската страна, се наоѓа спомен-плочата за седумте младинци од Лерин кои беа измачувани и убиени од фашистичките сили за време на Втората светска војна.
Плочата долги години беше надвор од вниманието на јавноста, зашто преминот кон Грција не функционираше од 1967 и таму немаше проток на патници. При реконструкцијата на граничниот премин, што се прави од македонска страна, плочата е зачувана. Таа се наоѓа во близина на новата инфраструктура што е подигната на преминот.
Гранитот од годините и атмосферските влијанија е потемнет, но на него јасно може да се прочита испишаниот текст: „На седумте младинци борци од Лерин, ѕверски убиени на 17 јануари 1944 година од бугарскиот фашистички окупатор“. Плочата сведочи за заедничките страдања што ги имаше народот од двете страни на границата во Втората светска војна.

При реконструкцијата на граничниот премин, што се прави од македонска страна, плочата е зачувана, се наоѓа во близина на новата инфраструктура што е подигната на преминот. (Фото: СДК.МК)
„На 17 јануари 1944 година, бугарски војници го опколија и влегоа во селото Герман (денес Агиос Германос, Грција) и ги блокираа куќите. На патот од Герман за Роби (денес Лемос), окупаторите пресретнаа и заробија седум младинци од Лерин на возраст од 17 до 20 години кои сакаа да им се придружат на партизаните. Ги врзаа со бодликав тељ така што од рацете непрестано им течеше крв. Мајорот кој ги спроведуваше младинците, со кундакот од пушката маваше по нив. На патот кон селото Герман, едно од заробените момчиња изгуби рамнотежа и падна, па над него се навалија и другите, зашто беа врзани заедно. Тепањето и малтретирањето тогаш продолжи со уште поголема жестокост. Од селото Герман беа спроведени до Маркова Нога. Тука на свиреп начин биле убиени. Овој морничав случај го потресе населението од цела Преспа“, вели историчарот Александар Литовски.
Општинското собрание на Ресен во социјалистичкиот период, во чест на загинатите момчиња на местото каде што беа убиени во непосредна близина на грчката граница подигна спомен-плоча и засади седум борови.
Во иднина плочата ќе треба да се реставрира и да ѝ се најде соодветно место на Маркова Нога.
Дрвца крај преминот беа посадени и во март 2025, кога беше поставен камен-темелникот со кој се означи почетокот на реконструкцијата на граничниот премин Маркова Нога, на македонската страна од границата.
Досега се направени околу 60 проценти од предвидените зафати за обнова на преминот од македонската страна. Во напредна фаза е изградбата на зградата за Царинската управа. Преминот ќе има сообраќајница во должина од 350 метри со четири коловозни ленти, по две во секој правец, а поставена е и потребната инфраструктура. Средствата, во износ од околу 14 милиони евра за целиот проект, се дел од пошироката програма „ЕУ за Преспа“, обезбедени преку Европската унија (ЕУ), а спроведувањето се одвива преку Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со национални и локални чинители.

Од македонската страна досега се направени околу 60 проценти од предвидените зафати за обнова на преминот, а во напредна фаза е изградбата на зградата за Царинската управа. (Фото: СДК.МК)
Од грчката страна сè уште нема градежни зафати, па преминот наликува на ливада. Обновата таму ќе се одвива преку програмата ИНТЕРРЕГ ИПА ЦБЦ 2021–2027, со вкупна вредност од 7.727.272 евра.
При посетата на Маркова Нога на 5 јуни 2026 од претставници на ЕУ, УНДП и владини функционери, беше истакнато дека преминот на македонска страна ќе биде готов за помалку од четири месеци. Тогаш евроамбасадорот Михаил Рокас рече дека активностите од грчката страна за изградба на граничниот премин Маркова Нога–Лемос во Преспа се планира да завршат до февруари 2028 година но, сепак, рече „ќе видиме како ќе напредува тоа, зашто ова е Балкан“.
Слична е инфраструктурната состојба и со железницата Битола–Лерин. Додека од македонска страна таа е изградена, од грчка страна не е репарирана зашто, како што грчките колеги му рекле на министерот за транспорт и врски Александар Николоски, Грција нема пари за тоа.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



