Дали може да гарантирате на децата кои живеат околу цементарницата УСЈЕ дека не се изложени на загадување од токсични материи, рече Драги Змијанац од „Првата детска амбасада во светот Меѓаши” на денешната јавна дебата за издавање нова А-интегрирана дозовола за „Титан УСЈЕ“ во Скопје. Тој кажа децата се најранлива категорија и праша дали некој ќе поднесе одговорност ако во иднина се покаже дека УСЈЕ загадува и побара гаранции од Министерството за животна средина дека цементарницата не е извор на загадување. Од Министерството за животна средина одговорија дека одговор ќе добие написмено.
Од граѓанската иницијатива „Стоп за УСЈЕ” рекоа дека ниту со новата дозвола нема ништо да се смени бидејќи се дозволуваат високи вредности.
„Досега сè што поднесовме како наши предлози и забелешки, не е имплементирано во она што беше поднесено како документ за обнова на дозволата од страна на УСЈЕ. Во пишаниот документ, иако слушаме дека сè ќе биде по новиот закон и дека сè ќе биде по европските стандарди, тоа не е експлицитно напишано. Токму поради тоа и реагиравме на овој начин и преку медиуми и гласно зборуваме дека сакаме конечно да видиме напишан документ во којшто ќе стојат сите тие европски стандарди и дека конечно лиценцата којашто ќе се издаде за следните седум години, почнувајќи од ’27-ма натаму, навистина ќе биде документ којшто ќе биде според европски стандарди”, рече Марија Манолчева од „Стоп за УСЈЕ”.
Таа кажа дека клучните забелешки се однесуваат на тоа што границите за загадување на емисиите се дупло поголеми од оние коишто важат како максимални во Европската Унија.
„Вредностите може да бидат и многу пониски, бидејќи сегашниот закон дозволува на оној којшто ги уредува правилата да му наложи на операторот и многу пониски граници, имајќи ги во предвид метеоролошките и климатските и регионалните услови во коишто се наоѓа цементарницата во Скопје. Второто генерално барање, е што мониторингот и известувањето за мерењата на емисиите се на многу ниско ниво. Се рапортира за многу малку емисии, да речам за 30% од емисиите. Сè останато, што е тешки метали, диоксини, фурани и најканцерогени работи, воопшто не се известуваат, а се барања во европските стандарди. Значи, бараме мониторингот да биде засилен, транспарентен и јавен“, додаде Манолчева.
Од „Титан УСЈЕ“” на јавната расправа презентираа како работат, тврдејќи дека ги почитуваат европските стандарди и дека се контролирани од Министерството за животна средина. На новинарско прашање како граѓаните да веруваат дека цементарницата не го загадува градот, рекоа дека потребна е дијалог и токму јавната дебата е начин да се презентира нивната работа.
„Ние ги следиме објавите и уште еднаш ќе кажам дека ‘Титан УСЈЕ’ работи одговорно и транспарентно. Затоа сме и денес овде, затоа сме овде да ги слушнеме прашањата на сите заинтересирани страни и да се обидеме да дадеме целосни одговори. Повторно верувам дека проблемот е во недоразбирање. Во нашата апликација се опишува како инсталацијата работи сега, а работиме согласно она што е пропишано во постоечката А-интегрирана еколошка дозвола. Ние никогаш, ниту досега, а нема ни во иднина, да ги надминуваме пропишаните вредности коишто се дел од сегашната дозвола и во иднина коишто ќе бидат пропишани со обновената А-интегрирана еколошка дозвола”, рече Наташа Бакреска од „Титан УСЈЕ”.
Од „Стоп за УСЈЕ” рекоа дека тие на 9 мај направиле моноторинг на цементарницата односно на црниот чад го се испушта од оџакот и биле регистрирани високи вредности.
„Бидејќи Министерството не прави мониторинг односно ангажира приватна лабараторија, ние сами направивме мерање и регистрирани се високи вредности. Дозволете ни да го презентираме снименото видео, рекоа од „Стоп за УСЈЕ“.
А. АНТЕВСКА



