Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, призна дека новиот дигитален систем за контрола на границите на ЕУ (ЕЕС) се соочува со технички проблеми.
„Работиме со земјите-членки за да се решат техничките проблеми“, изјави фон дер Лајен на прес-конференција во Корк, Ирска.
Според аеродромите и авиокомпаниите, системот, кој бара патниците од земји надвор од ЕУ да регистрираат биометриски податоци, предизвикува повеќечасовни редици, оперативни нарушувања и пропуштени поврзани летови.
„Сè уште има многу работа за овие технички прашања да се решат заедно со земјите-членки“, додаде фон дер Лајен.
Изјавите на фон дер Лајен претставуваат промена во ставот на Европската комисија, која претходно го минимизираше влијанието на EEC.
„Во повеќето аеродроми во ЕУ, ова влијание навистина е ограничено“, изјави портпаролот на Комисијата за внатрешни работи, Маркус Ламерт.
Иако Европската комисија претходно оцени дека влијанието од EEС е ограничено и оти регистрацијата трае околу 70 секунди, воздухопловната индустрија предупредува дека чекањето на граничните премини достигнува и до пет часа во периоди на најголем сообраќај.
Во отворено писмо, аеродромското лоби АЦИ Европа (ACI Europe), ИАТА (IATA) и „Ерлајнс фор Јуроп“(Airlines for Europe) велат: „Времето на чекање на граничната контрола значително се зголеми, достигнувајќи и до пет часа во периоди на најголем сообраќај“. Организациите побараа Европската комисија да им овозможи на државите, „ако е потребно, целосно да го суспендираат EEС, барем во текот на јули и август“.
Системот, задолжителен од 10 април, бара патниците од земји кои не се членки на ЕУ, како и од Велика Британија и САД при првиот краткорочен влез во ЕУ да регистрираат отпечатоци од прсти и фотографија на лицето. Иако се предвидени киосци и апликации за побрза регистрација, на многу гранични премини,како аеродромот Фјумичино во Рим, податоците сè уште се внесуваат рачно, а само Шведска и Португалија ги активирале потребните апликации.



