Русија објави дека го зазела источниот украински град Костјантинивка, стратешки важна точка на патот кон последните поголеми градови во регионот Донбас кои сè уште се под контрола на Украина.
„Костјантинивка е целосно заземена. Градот сега е целосно под наша контрола“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Украинска реакција засега нема. Неодамна украинската војска призна дека ситуацијата во многу разурнатиот град е исклучително тешка. Украинскиот Генералштаб во Киев вчеравечер во својот извештај за состојбата соопшти само дека се водат жестоки борби околу Костјантинивка. За Костјантинивка, кој пред војната имал 78.000 жители, се водат жестоки борби од крајот на 2025.
Соопштението беше објавено истовремено со посетата на рускиот претседател Владимир Путин на команден пункт од каде што се координира дејствувањето на руските сили во Украина. Според портпаролот, Песков, руските вооружени сили ја контролираат целата област Луганск на истокот на Украина – еден од двата региони што го сочинуваат Донбас.
Во меѓувреме, според украинските власти, во руските напади загинале повеќе луѓе. Во Суми, на северот од земјата, четири лица биле убиени при напад со наведувана авиобомба. Речиси 30 лица се повредени.Според истите информации, уште три лица загинале во регионот Дњепропетровск во југоисточна Украина. Во градот Запорожје биле убиени две лица.
Украина повторно изврши напад со беспилотни летала врз руски нафтени постројки на Балтичкото Море, во близина на Санкт Петербург; гувернерот на Ленинградската област, Александар Дрозденко,денеска соопшти дека биле соборени 67 непријателски летала, што укажува на напад од големи размери. Гувернерот изјави дека делови од беспилотни летала паднале во пристаништето Висоцк, на Финскиот Залив, пренесе руската државна новинска агенција ТАСС. Во Висоцк се наоѓа голем терминал за утовар на нафта.
Украина предизвика пожар во резервоарите во нафтеното пристаниште во Санкт Петербург на почетокот на јуни, токму кога требаше да започне меѓународниот економски форум на рускиот претседател Владимир Путин во тој град, кој се наоѓа на повеќе од 1.000 километри од Украина.



