На 3 јули излезе конкурсот на Министерството за внатрешни работи (МВР) за прием на 200 ученици во новото државно Средно полициско училиште-Полициска академија за учебната 2026/2027 година. За упис во новото училиште, кое е именувано „7 Мај“ (Денот на македонската полиција), ќе може да конкурираат ученици кои завршиле втора година средно образование во кое било четиригодишно средно училиште во државава.
Со ова училите ќе се возобнови средното полициско образование во државава по пауза од 26 години, односно од завршувањето на последната генерација (1996-2000) пред укинувањето на тогашниот Центар за образование на кадри од областа на безбедноста (ЦОКОБ) „Елисие Поповски-Марко“.
Учениците што ќе се запишат во средното полициско училиште ќе имаат настава по стручни и општообразовни предмети и ќе престојуваат во ученички дом (интернат) во склоп на Центарот за обука на МВР (Полициска академија) во Идризово, каде што за полицајци се школувани 24 генерации, од 1972 до 2000 година, во некогашното четиригодишно полициско училиште. Во согласност со јавниот повик, кога ќе матурираат МВР ќе им обезбеди работно место – полицаец.
За да се запишат кандидатите треба да ги исполнат условите од конкурсот и да ја поминат селекцијата која ќе биде во три фази: проверка на моторички способности; писмено тестирање (општообразовен тест) и поединечен разговор (интервју) со кандидатот. Конкурсот е отворен од 3 јули и ќе трае 15 дена, до кога заинтересираните треба да ги достават потребните документи со пријавата, која е достапна за преземање во повикот на МВР.
Општи услови кои кандидатот треба да ги исполни се: да е државјанин на Република Северна Македонија, да нема навршено 18 години возраст на денот на објавување на јавниот повик, активно да го користи македонскиот јазик и да е здравствено и психофизички способен, што се потврдува со лекарско уверение издадено од лиценцирана установа.
Во посебните услови е наведено дека општиот успех во двете завршени години средно образование треба да биде најмалку „добар“ и на ученикот да не му се изрекувани педагошки мерки во училиштето каде што ги завршил прва и втора година средно образование. Во посебните услови се и успешно поминати трите фази од селекцијата.
Според Влатко Митковски, помошник на министерот на Центарот за обука на МВР, дека целиот процес на реализација на конкурсот и селекцијата се очекува да заврши околу средината на август. Вели дека секторите за внатрешни работи се веќе „блокирани“ од пријави на кандидати.
„Бројот од двесте кандидати ќе се пополни и очекуваме голема конкуренција, а кога има повеќе пријавени кандидати може да се направи и добра селекција. Комисијата е на одобрување кај министерот, ќе има претседател и најмалку четворица членови и нивни заменици од релевантните организациски единици на Министерството. Очекуваме до 15-20 август да заврши сè и потоа учениците ќе имаат мал одмор и време да ги средат административните обврски за отпишување од претходното училиште и запишување во училиштето ‘7 Мај’, изјави за МИА Митковски.



