Собранието по скратена постапка ги усвои законските измени со кои се врши привремена прераспределба на стапките за социјално осигурување. Според новите одредби, кои стапуваат на сила со исплатата на јулската плата во 2026 година, придонесот за пензиско и инвалидско осигурување се зголемува од 18,8 на 19,9 проценти од бруто платата. Истовремено, придонесот за осигурување во случај на невработеност се намалува од 1,2 на 0,1 процент.
Предлагачи на овој закон беа група на пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, а според нивното образложение, се носи со цел да се зајакне финансиската позиција на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во период кога Агенцијата за вработување бележи вишок на депонирани средства.
Со преодното решение се менува структурата на приходите во државниот буџет, но вкупната збирна стапка на социјалните придонеси останува на досегашното ниво од 28 проценти од бруто плата, па трошоците за плати на деловните субјекти нема да претрпат промени. По завршувањето на 2026 година, плаќањето ќе продолжи според редовните законски стапки.
Законот беше усвоен на 29 јуни.
Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт, во Собранието во септември 2024 беа усвоени законски измени за линеарно зголемување на пензиите кое изнесуваше 5.000 денари за сите пензионери, без разлика на висината на пензијата. Од 1 септември 2024 имаше зголемување на сите пензии за 2.500 денари, а од 1 март 2025 дополнително линеарно зголемување од уште 2.500 денари. Потоа, во 2025 беа донесени нови измени со кои беше предвидено ново линеарно зголемување: и тоа 1.000 денари од 1 октомври 2025 и по уште 1.000 денари од 1 март 2026 година.



