ЗА ПЕТ ДЕНА ИСТРЧАВМЕ 330 КИЛОМЕТРИ ЗА ДА ГИ СПОИМЕ „СВЕТИ ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ“ СО „СВЕТИ НАУМ“, ВЕЛИ ВЕЛЕШКИОТ УЛТРАМАРАТОНЕЦ ВЕРОЉУБ ДОДЕВСКИ

    ЗА ПЕТ ДЕНА ИСТРЧАВМЕ 330 КИЛОМЕТРИ ЗА ДА ГИ СПОИМЕ „СВЕТИ ЈОАКИМ ОСОГОВСКИ“ СО „СВЕТИ НАУМ“, ВЕЛИ ВЕЛЕШКИОТ УЛТРАМАРАТОНЕЦ ВЕРОЉУБ ДОДЕВСКИВерољуб Додевски (во средина), и неговите пријатели Зоран Димов (десно) и Љубиша Андреиќ (лево) на 28 јуни тргнале од „Свети Јоаким Осоговски“, а на 3 јули, на празникот Свети Наум стасале на Охридското Езеро. (Фото: Приватна архива)

    Тројца ултрамаратоници од Велес за пет дена истрчаа 330 километри од манастирот „Свети Јоаким Осоговски“ кај Крива Паланка до охридскиот манастир „Свети Наум“. Верољуб Додевски (59) и неговите пријатели Зоран Димов и Љубиша Андреиќ на 28 јуни тргнале од „Свети Јоаким Осоговски“, а на 3 јули, на празникот Свети Наум, стасале на Охридското Езеро. Трчале главно по планински патишта, и преспале во конаците на неколку манастири.

    Додевски вели дека нивната цел не е натпревар, ниту за обид за соборување рекорд, туку за лично, духовно и спортско патување кое барало голема физичка и психичка подготвеност.

    „Идејата беше да ги поврземе двете големи светилишта со трчање. За вакво патување се договораме неколку години, и сега се почувствувавме дека сме конечно подготвени. Кога стасавме во ‘Свети Наум’, чувството беше неописливо. Забораваш на целиот замор и останува само гордоста дека си успеал“, вели Додевски.

    Љубиша Андреиќ, Верољуб Додевски и Зоран Димов на целта, оред манастирот „Свети Наум“ (Фото: Приватна архива)

    На целта, Додевски и неговите училишни пријатели, кои му се генерација, биле пречекани од роднини кои живеат во Норвешка и  дошле во „Свети Наум“ за да ги поддржат во идејата.

    Секој ден, нови искушенија, а освен високите температури, најголем проблем биле стрмните планински делници, вели Додевски.

    „По Кратово, кон селото Шлегово, имаше угорница за која бевме убедени дека ќе ја совладаме за околу еден час. Но, реалноста беше сосема поинаква, ни беа потребни повеќе од два и пол часа. Тоа беше еден од најтешките моменти на целото патување. Слично беше и на делницата од селото Степанци, кај Велес, кон Присад во Прилепскиот Регион. Искачувањето кон планинскиот превој Ѓавато, на 1.164 метри надморска височина, исто така беше сериозен тест за издржливоста“, вели Додевски.

    За да одморат од трчањето, тројцата спортисти ноќевале во манастири. Патот ги водел од манастирот „Свети Јоаким Осоговски“, Лесновскиот манастир, како и манастирите „Света Петка“ во прилепското село Лениште и во битолското село Цапари.

    „Ноќевањето во манастирите беше посебно искуство. Таму човек се смирува, се одмора и психички. На секое место бевме убаво примени и тоа ни даде дополнителна сила. После цел ден трчање, токму таквиот мир многу значи“, вели Додевски.

    Андреиќ, Додевски и Димов неколку години го планирале трчањето до Свети Наум (Фото: Д. Ѓунѓеровиќ)

    Тој додадва дека за ваков подвиг не е доволна само желбата. Зад секој километар стојат години тренинзи, дисциплина и внимателна подготовка.

    „Не можеш едноставно да решиш дека утре ќе истрчаш 300 километри. Со години градиме кондиција. Организмот мора постепено да се навикнува на вакви оптоварувања. Најважно е да го слушаш телото, да бидеш трпелив и никогаш да не ја потцениш подготовката“, вели Додевски.

    Ова не е нивниот прв ваков потфат. Пет години по ред тројцата велешани го трчаат ултрамаратонот од Велес до манастирот Лопушник во чест на македонскиот поет Кочо Рацин. Патеката е долга околу 150 километри, а ја совладуваат за четири дена.

    „Секоја година си поставуваме нов предизвик. Лопушник веќе стана традиција, а оваа година решивме да направиме нешто уште поголемо. Не се натпреваруваме со никого. Единствен противник ни е сопствената граница и желбата секоја година да направиме чекор повеќе“, вели тој.

    Покрај физичката издржливост, ваквите ултрамаратони бараат и силен тимски дух. Како што вели Додевски, во вакви моменти пријателството е подеднакво важно како и добрата кондиција.

    „Имавме моменти кога сите тројца чувствувавме замор. Но, секогаш некој од нас ќе најдеше сила да ги мотивира другите. Кога трчаш пет дена заедно, станувате вистински тим. Без меѓусебна поддршка вакво нешто многу тешко би се реализирало.“

    Велешките маратонци кај планинскиот превој Ѓавато (Фото: Приватна архива)

    За време на патувањето сретнувале многу луѓе кои ги охрабрувале и се интересирале од каде доаѓаат и каде се упатиле.

    „Таквите средби ни ја враќаа енергијата. Луѓето искрено се радуваа кога ќе слушнеа што правиме. Македонија има прекрасни предели и прекрасни луѓе, а ние имавме можност да го почувствуваме тоа на секој чекор“, вели тој.

    По пристигнувањето во „Свети Наум“, заморот бил огромен, но уште поголемо било чувството на исполнетост.

    „Кога ќе застанеш пред манастирот и ќе сфатиш дека зад себе имаш повеќе од 300 километри, чувството е навистина посебно. Во тие моменти не размислуваш за болките во нозете, туку само за патот што си го поминал. Тоа останува спомен за цел живот“, вели Додевски.

    Иако штотуку го завршија овој несекојдневен подвиг, тројцата велешани веќе размислуваат за нови предизвици. Велат дека додека здравјето ги служи, ќе продолжат да трчаат и да ја промовираат рекреацијата, спортот и здравиот начин на живот.

    „Годините не се пречка ако човек се грижи за себе. Јас имам 59 години и сакам со својот пример да покажам дека никогаш не е доцна човек да си постави високи цели. Ако имаш волја, дисциплина и љубов кон тоа што го правиш, можеш да постигнеш многу повеќе отколку што мислиш“, додава Додевски.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира