Еврокомесарката Марта Кос по денешната средба со премиерот Христијан Мицкоски во Владата уште еднаш повтори дека земјава мора да ги направи уставните измени со внесување на Бугарите како малцинство, за да го продолжи патот кон Европската Унија. Кос кажа дека земјава иако испорачува многу во реформската агенда сепак за продолжување на пристапните преговори потребни се уставни измени.
„Гледаме напредок во реформската агенда и токму поради тоа сакаме да ја поздравиме зголемената посветеност на Владата во напредувањето на оваа работа. Членство во ЕУ ќе донесе уште поголеми придобивки. Би сакала да го објаснам ова со случајот на Црна Гора. Знаеме дека Црна Гора е предводник и ќе добијат трипати повеќе средства од финансиска помош на ЕУ кога ќе станат членка. Ќе имаат веднаш придобивки, а ние истото го сакаме и за Северна Македонија. Но, усвојувањето на договорените уставни измени останува неопходниот следен чекор за формално започнување на пристапните преговори и затоа уште еднаш ја охрабрувам Владата да го започне процесот којшто наскоро може да донесе измени во Уставот. Имате ваше место во Европската Унија како полноправна земја членка и дозволете ни да работиме заедно“, кажа Кос на прес-конференцијата во Владата.
Одговарајќи на новинарско прашање Кос кажа дека Европската Унија не може да дава гаранции однапред и дека ЕУ се темели на доверба, обврски, посветеност, нивно исполнување и работа. Прашана како Македонија да изгради доверба со Бугарија, кога таа не ги признава македонскиот јазик и идентитет, Кос кажа дека Европската унија е изградена токму на доверба.
„Нема рецепт како ќе ја изградиме довербата.Јас не сум онаа која може да ви дава совети за тоа како да изградите доверба со вашите соседи. Но она што го знам е дека колку повеќе доверба имате, толку полесно ќе напредувате низ пристапниот процес“, кажа Кос.
Премиерот Христијан Мицкоски кажа дека очекува европската интеграција да остане процес кој се темели на јасни критериуми, на вредности и на исполнување на реформските обврски, а не процес кој ќе биде оптоварен со билатерални прашања што создаваат неизвесност кај македонските граѓани.
„Граѓаните со години покажуваат јасна определба за европската идеја. Во тој период беа донесени тешки одлуки, беа преземени сериозни обврски и беа направени значајни чекори со уверување дека секој исполнет критериум ќе биде вреднуван на објективен и предвидлив начин. Затоа денес е важно да постои доверба дека процесот ќе продолжи според истите правила што важат и за сите други кандидати и за сите држави коишто биле кандидати. Остануваме доследни на ставот дека секое трајно решение треба да биде засновано врз заемно почитување, заштита на националното достоинство и јасна, предвидлива европска перспектива. Како Влада сме вистинските фронтранери кога станува збор за квалитетот на испораката и брзината на испораката, посветеноста и работата, и во таа насока ќе продолжиме да работиме. За нас нема во моментот никаква друга опција ниту план Б, за нас единствена опција е членство во рамките на Европската Унија и посветеност во делот на испораката на реформите“, рече Мицкоски.
А. АНТЕВСКА



