Шестмината работници од фирма во штипската трговско-индустриска зона (ТИР) кои го пријавиле труењето со храна се сомневаат дека се затруле од цезар-салатата што ја јаделе за време работниот ручек во фабриката на 8 јули. Од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) во Штип, велат дека последниот збор ќе го каже Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) кој единствено во земјава ја има лиценцата во своите лаборатории да испитува исправност на храна.
Денеска биле земени мостри и од водата во фирмата „Адиент“ во ТИР зоната каде се вработени затруените работници, како и мостри и брисеви од фабричката трпезарија, но и дополнителни мостри од фирмата која ја произведува и дистрибуира храната.
Според последните информации, од вкупно шесте затруени работници еден е пуштен на домашно леккување, а петмина уште се на болнички третман, но со оглед на тоа што им се подобрува состојбата може да се очекува и тие да бидат пратени на домашно лекување. Според епидемиолозите кои веќе трети ден работат на случајот, има најава и за неколку нови случаи со исти симптоми, но уште официјално не ги добиле пријавите.
Со оглед на тоа што во сите фирми во ТИР зоната во Штип има вработени и од соседните општини, Кочани, Пробиштип, Свети Николе, Велес, како и во конкретната фирма, за новите случаи задолжение за епидемиолошка обработка имаат Центрите за јавно здравје од овие општини кои уште не доставиле список на заболени.
Штипските епидемилози воопшто не веруваат дека во прашање е водата за пиење, бидејќи тогаш поради општата консумација бројот на заболени би бил многу поголем и со широки размери, а последиците катастрофални. Според нив, во прашање е сепак храната која во вакви летни услови лесно е подложна на расипување, а тоа е случај посебно со додатоците на главното јадење, салати и слично.
Директорот на Центарот за Јавно здравје во Штип, Бранко Горгиев, вели дека на конкретната проблематика работи задолжен епидемиолог кој заедно со санитарните и другите надлежни инспектори веќе трет ден интезивно се ангажирани во преземањето мерки за санирање на состојбата и ги чекаат конечните резултати од сите испитувања за кои се земени адекватни мостри, а се проверува и транспортот на храната.
Т. ЈОВАНОВСКИ



