ФИФА разгледува планови за учество на 64 репрезентации на следното Светско првенство во Шпанија, Португалија и Мароко, додека нејзиниот претседател Џани Инфантино вели дека „настанот треба да биде за целиот свет“. Предлогот за проширувањето бил изнесен уште минатата година, а, како што кажа Инфантино, успехот на првиот мундијал со 48 учесници значи дека ФИФА треба да разгледа како би функционирало првенство со 64 екипи.
„Има доста прашања што ќе се анализираат после Светското првенство. Кога се организира светско првенство, важно е да се организира за целиот свет, не само за Европа и Јужна Америка. На секоја нација треба да ѝ се дозволи да сонува за учество на светско првенство. Можете да видите дека квалитетот на тимовите е исклучително висок и станува сè повисок низ целиот свет. Ако не им дадете шанса на помалите земји да учествуваат на светско првенство, тие нема да имаат поттик да продолжат да се подобруваат“, смета Инфантино.
Тој рече дека првото светско првенство со 48 тима било огромен успех, наведувајќи дека девет од 10-те африкански селекции се пласираа во нокаут-фазата.
„На последното Светско првенство имаше само пет тима од Африка. Тоа само покажува колку е важно да се вклучат сите тимови, да им се даде можност да учествуваат“, додаде Инфантино.
Официјален предлог за првенство со 64 репрезентации беше доставен од Јужноамериканската фудбалска федерација во април 2025, но досега не е донесена одлука. Домаќини на СП 2030 повторно ќе бидат три држави, Шпанија, Португалија и Мароко, но бидејќи се совпаѓа со 100-годишнината од првиот мундијал, неколку меча ќе се играат и во Аргентина, Уругвај и Парагвај.
Шефот на УЕФА, Александар Чеферин, претходно кажа дека првенство со 64 екипи е лоша идеја, на што се спротивставија и претседателите на Азиската фудбалска конфедерација и на КОНКАКАФ, водечкото фудбалско тело за Северна и Централна Америка и Кариби.



