НОВОИЗГРАДЕНИТЕ ШАНКОВИ И ГАЛЕРИИ ЈА СПРЕЧУВАЛЕ ЕВАКУАЦИЈАТА ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“, СВЕДОЧЕШЕ ВЕШТАКОТ МАРКОВСКИ

    НОВОИЗГРАДЕНИТЕ ШАНКОВИ И ГАЛЕРИИ ЈА СПРЕЧУВАЛЕ ЕВАКУАЦИЈАТА ВО ДИСКОТЕКАТА „ПУЛС“, СВЕДОЧЕШЕ ВЕШТАКОТ МАРКОВСКИГрадежните зафати и вградени бариери и запаливи материјали кои биле смртоносни за гостите се одвивале во 2012 и во 2024 година, без дозвола, без инспекциски надзор, без документи, вон секаква процедура и контрола. (Фото: СДК.МК)

    Во продолжение на сведочењето, односно презентацијата на градежното вештачење, клучниот доказ на Обвинителството во обвинението против 34-та обвинети за катастрофалниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, професорот Горан Марковски од Градежниот факултет Скопје, прикажа два цртежа на видеобим: основата на објектот додека функционирал за лесна индустрија и основата на објектот додека функционирал како угостителски објект.  

    „Ќе го земам само безбедносниот аспект и можноста за евакуација на посетителите. Во првиот цртеж на производствениот погон, престојувале само неколку луѓе. Во вториот, со додадени шанкови, ѕидови, скали, галерии, скали за галериите, престојувале над 500 луѓе. Овие новоизградени елементи ја спречуваат евакуацијата на луѓето, тие се бариера за евакуација, што укажува дека воопшто не била водена сметка за безбедноста на луѓето во угостителскиот објект”, сведочеше професорот – вештак. 

    Градежните зафати и вградени бариери и запаливи материјали кои биле смртоносни за гостите се одвивале во 2012 и во 2024 година, без дозвола, без инспекциски надзор, без документи, вон секаква процедура и контрола.

    Од прикажаните фотографии се виде дека плочата под дискотеката аматерски за зајакнал обвинетиот газда на „Пулс” Дејан Јованов, за таа да не пропадне, за потоа озгора да става железни конструкции, шанкови, галерии, метални скали за галериите, мебел… И од овој аспект тој ги држел гостите во ризик со години, без тие да знаат.

    На директно прашање од обвинителот Дарко Јакимовски. Професор Марковски одговори дека градежен инспектор, градежната инспекција е одговорна да ги инспектира градбите, пренамените, а надлежна е да реагира и кога градежните активности се завршени. Ако градбата е надвор од законската регулатива, има право и обврска да бара сопственикот или инвеститорот да го вртат објектот во првобитна состојба.

    „Замислете да влезат во трка незаконските градители и градежната инспекција, да изградат на диво додека таа не дошла и казнила? Затоа се нејзините ингеренции да инспектираат и изрекуваат мерки и по завршување на градбата. Ова не било случај во ‘Пулс’. Ние не успеавме да дојдеме до ниту едно логично објаснување зошто надлежните градежни локални инспектори можеле, а не ја запреле нелегалната градба и реконструкција. Иако има и други органи и инспекции кои можеле да делуваат”, рече професорот. 

    Меѓу обвинетите има група обвинети градежни инспектори од општина Кочани.

    Следуваат блок прашања до вештото лице и за надлежноста на (обвинетите од) Дирекцијата за заштита и спасување, иако еден од адвокатите реагираше дека вештак од Градежен факултет смеело да збори само за градежните активности. Откако судијката го дозволи прашањето, професорот Марковски го почна одговорот со зборовите: „Заштитата од пожари се учи на Градежен факултет…”.

    Сведочењето продолжува.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира