РАСИПАНИ И ХАВАРИСАНИ СЕ 60 ОТСТО ОД КАМИОНИТЕ ЗА ЃУБРЕ НА СКОПСКАТА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“, ВЕЛИ РЕВИЗОРСКИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА 2024 КОГА ВМРО-ДПМНЕ ЈА БЛОКИРАШЕ НАБАВКАТА НА НОВИ

    РАСИПАНИ И ХАВАРИСАНИ СЕ 60 ОТСТО ОД КАМИОНИТЕ ЗА ЃУБРЕ НА СКОПСКАТА „КОМУНАЛНА ХИГИЕНА“, ВЕЛИ РЕВИЗОРСКИОТ ИЗВЕШТАЈ ЗА 2024 КОГА ВМРО-ДПМНЕ ЈА БЛОКИРАШЕ НАБАВКАТА НА НОВИДодека беше на функција, ексградоначалничката Данела Арсовска за ваквата состојба во „Комунална хигиена“ ги обвинуваше советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје и Управниот одбор на претпријатиетокаде беа кадри на партијата, кои не ги гласаа инвестиционите програми и програмите за работа и поради тоа не можеше да се набават возила; - Фотографија од полни контејнери во Ѓорче Петров на 6 јули 2026. (Фото: СДК.МК)

    Повеќе од половина од камионите на ЈП „Комунална хигиена“ за собирање ѓубре се расипани или хаварисани, поради што низ Скопје ненавремено се собира ѓубрето, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија за работата на претпријатието во 2024 година. Во овој период, градоначалничка на Скопје беше Данела Арсовска, а директори на „Комунална хигиена“ беа Гоце Трајковски (в. д. директор од 10.10.2023 до 07.02.2024 и директор од 08.02.2024 до 07.08.2024) и Јетон Незири (в. д. директор од 08.08.2024 до 31.12.2024 и директор од 01.01.2025 до 28.01.2025).

    Ревизорскиот извештај покажува дека значаен дел од возниот парк е со просечна старост од 15 години, подолг период не се користи или се користи со значително намален капацитет, не генерира економска корист и често е вон функција поради дефекти, иако формално се води како активен.

    „Од вкупно 189 специјални комунални возила со кои располага претпријатието, само 76 се во возна состојба, додека 80 се неисправни и 33 се хаварисани, односно 113 возила или 59,79% се нефункционални, што значително го ограничува оперативниот капацитет на претпријатието во услови на зголемени потреби за континуирано покривање на услугите кон корисниците“, се вели во извештајот.

    Во ревизорскиот извештај се вели дека во 2020, кога градоначалник беше Петре Шилегов, по пат на одобрен долгорочен кредит набавени се 25 специјални возила. Во мандат на Арсовска не се набавени нови камиони. Инвестирано е само во набавка на дигалки, опрема и садови за одлагање на комуналниот отпад, како и во резервни делови и одржување.

    „Сепак, ваквите вложувања не резултирале со соодветно ниво на оперативна исправност на возниот парк. Потребно е надлежните лица во ЈП ‘Комунална хигиена‘ преку инвестиционите програми и финансиските планови да ги интензивираат активностите за сеопфатна анализа на состојбата на возниот парк и да спроведат итен тест за преиспитување и прилагодување на амортизационата политика. Потребни се изготвување и имплементација на стратегија за обнова и модернизација на возниот парк, прилагодена на обемот на активности и 24/7 режим на работа“, се вели во ревизорскиот извештај.

    Ексградоначалничката Арсовска додека беше на функција за ваквата состојба во „Комунална хигиена“ ги обвинуваше советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје и Управниот одбор на претпријатието каде што беа кадри на партијата, кои не ги гласаа инвестиционите програми и програмите за работа и поради тоа не можеше да се набават возила.

    Ревизорите констатирале дека во периодот од јуни до декември 2024, за прекувремена работа на 36 административни службеници биле исплатени средства во вкупен износ од 690.000 денари за евидентирани од 2 до 183 часа по вработен. При воведување на прекувремена работа не било вршено претходно писмено известување до надлежниот државен инспектор на трудот, што не е во согласност со одредбите на член 117, став 6, член 127, став 3 и член 148, став 3 од Законот за работните односи и ги намалува транспарентноста и заштитата на правата на работниците. На ревизорите не им биле доставени докази дека евидентираните прекувремени часови навистина се остварени, ниту дека работните задачи се извршени. Дополнително, на дел од вработените им биле издавани посебни овластувања за извршување работи од повисоки работни места, при што е извршена зголемена пресметка на плата врз основа на прекувремена работа која фактички не е остварена.

    Ревизорите утврдиле и други неправилности, односно земјиштето, инфраструктурните и градежните објекти што ги користи претпријатието при вршење на дејноста се евидентирани без имотни листови и катастарска структура, а за оние кои се запишани во катастарот на недвижности не е извршена проценка на вредноста и нивно соодветно евидентирање. Побарувањата имаат значително намалена или неизвесна наплата како резултат на регистрацијата на корисници без соодветна верификација и склучени договори, како и поради високото учество на вредносно усогласени побарувања од 74,52% од вкупните побарувања по основ на комунални услуги. 40% од резервните делови на залиха се застарени и без реална употребна вредност, за кои не е извршено вредносно усогласување, што ги нарушува реалноста и објективноста на финансиските извештаи. Основачкиот непаричен влог од 223.146 денари не е запишан во Централен регистар и вредносно не се усогласени долгорочните финансиски средства со датумот на известување. Ангажирани се лица преку приватна агенција за вршење на постојани работи, во континуитет за подолг период и начинот на пресметка на платата на директорот не е усогласен со важечката законска регулатива.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира