ЕКСПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА ТАТЈАНА ДИМИТРОВСКА ОСУДЕНА НА УСЛОВНА КАЗНА ЗА ФАЛСИФИКАТ НА БЕЗБЕДНОСЕН СЕРТИФИКАТ И ЗА ОДАВАЊЕ СЛУЖБЕНА ТАЈНА

    ЕКСПРЕТСЕДАТЕЛКАТА НА АНТИКОРУПЦИСКА КОМИСИЈА ТАТЈАНА ДИМИТРОВСКА ОСУДЕНА НА УСЛОВНА КАЗНА ЗА ФАЛСИФИКАТ НА БЕЗБЕДНОСЕН СЕРТИФИКАТ И ЗА ОДАВАЊЕ СЛУЖБЕНА ТАЈНАКога го истражувале нејзиниот мобилен телефон, форензичарите откриле и фалсификат за положен испит на Димитровска, уште кога била државен ревизор. (Фото: СДК.МК)

    Поранешната претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) Татјана Димитровска за кривично дело Одавање службена тајна и Компјутерски фалсификат денеска во Кривичниот суд од судијата за организиран криминал и корупција Иле Трпков, првостепено осудена е на условна затворска казна во траење од една година.

    Се работи за праќање на тајни податоци на осомничен во истрагата „Адитив“, нејзин пријател.

    Таа е соизвршителка со уште едно лице, Миле Столевски, кој доби условна затворска казна од шест месеци.

    Главната обвинета за одавање службена тајна во овој предмет Билјана Мантова-Петровска пак, е раководителка на компанија и е обвинета и за други кривични дела во предметот „Адитив“.

    Димитровска како второобвинета за одавање службена тајна, со умисла како службено лице – претседател на ДКСК, од мај до декември 2024 година на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“ на друг начин му сторила достапни податоци кои согласно чл. 25 и чл. 50 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, како и чл. 289 од ЗКП претставуваат службена тајна.

    „Таа преку својот службен телефон и апликациите Viber и WhatsApp му давала податоци на обвинетиот за поведени постапки, за отворање на предмети против сега обвинетите правни и физички лица во предметот ‘Адитив’, службени белешки за отворање на предмет и распределба на член на ДКСК, одлуки по истите, како и податоци за проверка на имот на обвинетиот и на неговото семејство. Со своите дејствија таа открила податоци што согласно закон се сметаат за службена тајна и чие откривање може да има штетни последици како за службата, така и за постапките што се водат“, вели Обвинителството.

    Но, кога го истражувале нејзиниот мобилен телефон, форензичарите откриле и фалсификат за положен испит на Димитровска, уште кога била државен ревизор.

    Со цел да добие Сертификат за положен испит, во август 2024 година од службениот телефон преку апликацијата Viber на третообвинетиот – ревизор во ДЗР, му испратила компјутерски податоци – логови за пристап на електронски систем за обука на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации. Столевски од службениот електронски уред на Државниот завод за ревизија пристапил од нејзината електронска адреса и во име и за нејзина сметка го положил тестот за класифицирани информации. Сертификатот за успешно завршување на курсот за класифицирани информации издаден од страна на Дирекција за безбедност на класифицирани информации второобвинетата го употребила како вистински компјутерски податок и врз основа на него ѝ бил издаден безбедносен сертификат за пристап до национални класифицирани информации со степен Државна тајна.

    Истражната постапка за овој предмет кој заврши брзо, беше отворена кон крајот на април 2025 година, како резултат на екстрахираните електронски докази во рамките на предметот „Адитив“.

    Билјана Мантова-Петровска е ослободена од обвинението. Таа како раководителка во Подружница ТЕЦ Неготино АД ЕСМ Скопје беше обвинета дека од јули до ноември 2024 година, на неповикано лице обвинето во предметот „Адитив“, на друг начин му сторила достапни податоци што претставуваат службена тајна и се однесуваат на севкупното работење на правното лице. Дополнително, откако од Одделот за криминалистичка полиција кој постапувал по наредба на ОЈОГОКК, било доставено Барање за доставување на документацијата што се однесува на спроведена постапка за набавка на мазут за периодот од 2021-2023 година, таа преку апликација WhatsApp на телефонски број на обвинето лице му испратила фотографија од Известувањето иако сите податоци, документи, известувања и извештаи согласно закон се сметаат за службена тајна и нивно откривање може да има штетни последици за започнатата постапка.

    Но, обвинителите, рече судијата, не го докажаа обвинението за неа.

    „Честито Билјана”, ѝ кажа Димитровска во ходникот.

    „Фала, Тањче”, ѝ одговори ослободената Мантова-Петровска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира