Жената која ги држела нозете на својот сопруг за да не излета низ скршениот прозорец на авион на „Рајанер“ на 10 јули рече дека половина од неговото тело штрчело од авионот. Светлана Грковиќ, која патувала со својот сопруг Љубиша Каровиќ од Солун до Меминген, изјави за грчкиот јавен радиодифузер „ЕРТ“ дека тој две минути бил надвор до градите.
„Веднаш реагирав и го зграпчив за нозете. Помислив: ‘Ако умреме, умираме заедно‘“, изјави Грковиќ.
Со помош на уште двајца патници, Грковиќ успеала да го врати својот сопруг, за кој рече дека трипати ја изгубил свеста.
„Девојката што седеше до него го држеше за рака. Тројца го влечеа назад внатре. Маските за кислород паднаа и настана хаос. Ставија куфер на прозорецот, но излета“, додаде таа.
Грковиќ изјави дека изгледало како дел од мотор на авионот да се откинал, кршејќи го прозорецот до нејзиниот сопруг, што предизвикало декомпресија во кабината. Ова засега не е потврдено од истражителите. Други патници, исто така, изјавија дека слушнале нешто што звучело како експлозија.
Светлана Грковиќ рече дека нејзиниот 61-годишен сопруг е сериозно повреден и во шок.
„Важно ми е што е жив. Раката му е особено тешко повредена и има изгореници. Не може да комуницира, не се сеќава на целиот настан. И јас сум во многу лоша психолошка состојба. Се плашев за нашите животи. Се плашев дека авионот ќе се урне“.
Авионот бил во воздух околу 10 минути, покажуваат податоците за следење, кога нагло се спуштил од 2.700 метри.
„Авионот се врати во Солун кратко по полетувањето кога прозорецот на патникот се изместил во лет. Авионот слета нормално, а патниците се вратија на терминалот. Еден патник побара и доби медицинска помош“, соопшти ирската нискобуџетна авиокомпанија.
Бидејќи авионот е „боинг 737-800“ произведен во САД, а инцидентот се случил во воздушниот простор на Македонија, истражители од повеќе меѓународни воздухопловни власти помагаат во истрагата.



