Доживотна казна затвор е изречена за Петар Станковски (40) од Богданци за убиството на мајка си, информираа од Основен суд Гевгелија. На обвинетиот му се судеше за кривичното дело „убиство на свиреп начин при семејно насилство“. Пресудата е по признание на вина од страна на Станковски. Нему притворот му е продолжен до правосилноста на пресудата, која е првостепена.
Обвинетиот го сторил убиството на 11 јануари годинава во Богданци околу 21 часот, а следниот ден сам се пријавил во полиција.
„Во станот во Богданци, каде што живееле под закуп, мајката и синот започнале расправија околу лекувањето на обвинетиот. Во еден момент, тој зел нож од кујната, со кој ѝ нанел повеќе убоди на мајката во главата и вратот. Бидејќи ножот се скршил, зел ножици и со нив продолжил да ѝ задава убоди, па откако и тие се свиткале, од кујната зел друг нож за сечење зеленчук со шилест дел, со кој ја прободел во вратот. Од бројните убоди жената искрварила и починала“, пишува во обвинението на ОЈО Гевгелија.
П. ПЕЧКОВ



