Министерот за здравство Сашо Клековски смета дека труењето на над 1.200 жители на Гостивар не може да е од храна. Тој денеска при посета на болницата во Гостивар кажа дека уште не може да се каже причината за труењето бидејќи во тек се испитувањата на примероците од водата, но ја отфрли можноста тоа да е од храна, како што вчера за телевизијата „Телма“ изјави директорката на ЈП „Комуналец“, Артана Асани.
„Ниту јас, ниту директорката на јавното претпријатие не сме некои кои можеме да посочиме причинител. Има епидемиолози, тоа е нивна работа. Има Центар за јавно здравје, има Институт за јавно здравје, мислам дека треба да се очекува нивна оценка. Можам неформално да коментирам дека шансата 1.000 луѓе да се затрујат од храна е многу мала. Дополнително, ова трае веќе четири дена, така што, за мене, храната логички е исклучена како можен извор“, рече министерот Клековски.
Резултати од анализите на водата од гостиварскиот водовод ќе има од понеделник. Клековски кажа дека нема да се прогласи епидемија во Гостивар, сè додека не се утврди причината за големиот број заболени со стомачните тегоби.
„Првите пациенти се јавиле во болницата во Гостивар ноќта на 13 јули и оттогаш таа бројка е прилично константна. Над 200 граѓани се јавуваат дневно во болницата за интервенција. Во последните 24 часа има 100 побарани интервенции на педијатрија и 160 на инфективното одделение. Клиничката слика кај сите пациенти е слична, благи стомачни проблеми со дијареја, а некои имаат и температура. Најголем дел од пациентите се третираат за дехидратација со инфузија, витамини и друга симптоматска терапија, по што се пуштаат на домашно лекување“, рече Клековски.
Клековски рече дека по разговорите со раководните структури на Општата болница констатирано е дека медицинскиот кадар се справува со состојбата и дека ги имаат сите лекови неопходни за третман.
Агенцијата за храна и ветеринарство вчера издеде забрана за употреба на водата за пиење од гостиварскиот водоводен систем поради основано сомнение дека е загадена и небезбедна. Со надзорот е утврдено дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво и без одобрение, била поставена пумпа која директно вбризгува вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем.



