Градовите низ североисточна Канада и САД продолжуваат да страдаат од интензивен чад предизвикан од стотици пожари што горат во Канада. Во Торонто, Њујорк и Вашингтон денеска се забележани едни од најлошите нивоа на квалитет на воздухот во светот, поради што локалните власти ги повикаа луѓето да го ограничат времето поминато на отворено.
Големото аерозагадување во регионот на Њујорк предизвикува загриженост пред финалето на Светското првенство, што се игра утре во Њу Џерси.
Многу од пожарите остануваат надвор од контрола, што доведе до евакуации и уништување на домови и инфраструктура. Пожарите уништија целосно една племенска заедница во северниот дел на Онтарио. Уште шест заедници добија наредба за евакуација.
Чадот ги разгоре и политичките тензии преку границата. Доналд Трамп се закани дека ќе воведе нови царини за Канада, обвинувајќи ја дека ја нападнала Америка со валкан, загаден и нездрав воздух.
„Американските бели дробови ја плаќаат цената за канадската неактивност од година во година“, се вели во писмото на четворица републикански конгресмени до канадскиот премиер Марк Карни.
Моментално има 955 активни шумски пожари во Канада, од кои речиси 200 во Онтарио. Повеќе од десет пожари горат близу границата со американската сојузна држава Минесота.
Шумските пожари се чести во Канада, но нивниот број брзо се зголеми во последните недели, што е помогнато од топлото време на крајот на јуни и потпросечните врнежи.



