По бројните жалби за високи сметки за погребалните услуги на погребалните оператори, Општина Штип најави дека нивните злоупотреби ќе ги решава со сузбивање на локалниот монопол и со фискална дигитализација.
Врз основа на досегашните реакции, Јавното претпријатие (ЈП) „Исар“ кое стопанисува со градските гробишта во Штип најавува нова дигитална платформа со која граѓаните ќе знаат колку чинат услугите на јавното претпријатие за гробно место и слично, а колку треба да изнесуваат услугите што ги наметнуваат погребалните оператори.
Градоначалникот на Штип Иван Јорданов апеларира да се бараат фискални сметки од операторите, за да се знае дали некој заработува нелегално.
„Според законот, иако како Општина немаме директни ингеренции врз работењето на операторите, сметаме дека е неопходно Трудовиот инспекторат, Управата за јавни приходи и сите останати државни органи на општинско ниво па и ние како Општина, да прават редовни контроли на работењето на операторите, конкретно да се знае колку навистина чини гробното место, изградбата на спомениците и износот на останатите услуги што операторите ги бараат, а не се задолжнителни“, вели Јорданов.
Т. ЈОВАНОВСКИ



