Вчерашниот ветер во Скопје, Штип и во Струмица имал јачина на оркан/ураган, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
„Оркан/ураган според класификацијата за јачина на ветер, претставува ветер чија брзина надминува 118км/ч. Тоа е екстремно силен ветер кој на оваа територија се случува многу ретко и предизвикува силни разорувања и значајни штети во пошироки размери“, вели УХМР.
По невремето со силен ветер и дожд што вчера ја зафати територијата на Македонија, преку единствениот број за итни повици 112 се примени над 9.000 повици од граѓани. Во Скопје до 22 часот се евидентирани 117 оштетени патнички моторни возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрва, 7 семафори, 5 пожари и 10 повредени лица.
Според УХМР, на Автоматската метеоролошка станица во Штип, во 17 часот, е регистриран оркан со максимален удар на ветер од 134 км/х со правец запад-северозапад. Во Скопската котлина, на Автоматската метеоролошка станица Скопје, во 16:10 часот е регистриран оркан со максимален удар од 130 км/х со правец север-северозапад.
Ветер со истата јачина од 130 км/х е регистриран и на Автоматската метеоролошка станица Ново Село во Струмица, во 17:50 часот, со правец северозапад.
Директорот на Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ д-р Небојша Настов рече дека лекарска помош побарале 22 лица, од кои двајца биле задржани на болничко лекување. Според министерот за здравство Сашо Клековски, на Клиниката за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и Ургентен центар (ТОАРИЛУЦ) биле прегледани 11 пациенти, при што кај тројца биле констатирани посериозни скршеници.
Според д-р Настов најголемиот дел од пациентите се здобиле со полесни повреди и биле амбулантски згрижени.
„Од вкупно 22 пациенти, двајца се примени на болничко лекување, а останатите се третирани поради полесни повреди. Еден пациент во текот на ноќта беше опериран поради скршеница на шаката. Другиот е странски државјанин, турист, кој се здоби со повреда на карлицата при пад на дрво. Кај него не беше потребен оперативен зафат, туку консултативен третман“, изјави Настов по пуштањето во употреба на реконструираното Одделение за трауматологија.
Клековски кажа дека Министерството за здравство ја следи состојбата во здравствените установи погодени од невремето и дека по процената на штетите од осигурителните компании ќе започне обновата на оштетените покривни конструкции.
„ Во Клиничкиот центар ‘Мајка Тереза’ има паднати дрвја, но нема повредени лица. Во Психијатриската болница во Бардовци, исто така, нема повредени, иако таму имаше неколкучасовен прекин на електричната енергија, кој веќе е отстранет. Значителни оштетувања има на покривната конструкција на Клиничката болница во Штип. Благодарение на брзата реакција на градоначалникот Иван Јорданов и на директорот на болницата, состојбата е ставена под контрола и во тек е процена на штетите. Оштетувања има и на покривот на Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје. Двете болници се осигурени, а осигурителните компании веќе работат на процена на штетите, по што веднаш ќе се пристапи кон санација за да се обезбеди непречено функционирање на установите“, рече Клековски.
Б. НЕСТОРОСКА



