ТЕНДЕРОТ ОД 1.670.000 ЕВРА ЗА МЕНУВАЊЕ ПЛОЧКИ ОКОЛУ СОБРАНИЕТО ГО ДОБИ „СТЕНТОН” ЗА КОЈА ВМРО-ДПМНЕ ТВРДЕШЕ ДЕКА Е ФИРМА ЗА ТЕНДЕРИ НА СДСМ

    ТЕНДЕРОТ ОД 1.670.000 ЕВРА ЗА МЕНУВАЊЕ ПЛОЧКИ ОКОЛУ СОБРАНИЕТО ГО ДОБИ „СТЕНТОН” ЗА КОЈА ВМРО-ДПМНЕ ТВРДЕШЕ ДЕКА Е ФИРМА ЗА ТЕНДЕРИ НА СДСМФирмата „Стентон“ стана позната во јавноста по секојдневните прес-конференции на владејачката ВМРО-ДПМНЕ до мај лани, во кои партијата ја обвинуваше претходната власт на СДСМ дека ѝ давала бројни државни тендери. (Фото: СДК.МК)

    Фирмата „Стентон ГРАДБА ДОО” од Горно Оризари-Битола, без електронска аукција, доби јавна набавка вредна 1.670.000 евра од Собранието, за партерно уредување и опрема околу зградата. Договорот е склучен на 8 јуни 2026 година меѓу сопственикот на „Стентон” Гоце Стојаноски и претседателот на Собранието Африм Гаши.

    Во друг јавен оглас, односно склучен договор за јавна набавка, пак, Собранието ќе им исплати 67.000 евра за надзор во работата на фирмите: Друштво за архитектонски дејности, надзор и инженеринг МБМ АРХИТЕКТИ ДООЕЛ Скопје, Друштво за инженеринг, проектирање и консалтинг ЕВРО КОНСАЛТИНГ ДОО увоз-извоз Скопје и Друштво за проектирање, инженеринг, трговија и услуги МГ ПРОЕКТ ДООЕЛ Скопје.

    Во документите објавени на веб-страната „е-набавки” наведено е дека на огласот се појавиле само овие три фирми, кои станале и добитнички на огласот.

    Друга коинциденција е што до денар, односно до дени се совпаѓа сумата на проценетата вредност на набавката со ДДВ која е 4.130.000 денари (67.000 евра). Некако, вредноста на склучениот договор со вклучен ДДВ испаднал ист, 4.130.000 (67.000 евра).

    Во договорот стои дека фирмите ќе бидат ангажирани за извршување услуги за стручен надзор над изведените работи за набавка на урбана опрема и партерно уредување за потребите на Собрание на Република Северна Македонија.

    Кај прашањето: „Дали е спроведена електронска аукција?”, запишано е: „ Не”.

    Фирмата „Стентон“ стана позната во јавноста по секојдневните прес-конференции на владејачката ВМРО-ДПМНЕ до мај лани, во кои партијата ја обвинуваше претходната власт на СДСМ дека ѝ давала бројни државни тендери, истакнувајќи дека оваа фирма била осомничена и за криминал во Прилепската болница.

    „Стентон“ во мај лани веќе беше јавно прозвана од актуелната власт дека е компанија наменски формирана за добивање тендери. Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека во период од 2019 до 2023 година, „Стентон“ добиле државни тендери од 66,5 милиони евра, за нецели 5 милиони евра помалку од вкупните приходи на друштвото за овој период, како и тоа дека поголемиот дел од остатокот се наплатени како подизведувачи на други фирми, исто така на тендери.

    „Има фирми кои работат пазарно, се борат и се натпреваруваат и има фирми кои со СДС работеа само за тендери. За овие вториве СДС се патрон. Зачудувачки е како ЈО со години молчи за тендер шемите на Стентон Градба. Дали и како Стентон Градба ги добивале тендерите? Дали игра клучна улога СДС, Заев и Филипче?“, изјави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Валентин Манасиевски на прес-конференција во мај 2025 година.

    Но, „Стентон“ сепак продолжил да добива големи тендери како за изградба на детска градинка во Битола под водство на градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, за обезбедување градежен материјал за браната „Отиња”, ги реновираше операционите сали на клиниката „Мајка Тереза”, а доби и неколку поголеми тендери од општина Штип, која е под ВМРО-ДПМНЕ.

    Во октомври лани доби судска забрана од времен карактер да учествува на тендери.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира