ОПШТИНА ВЕЛЕС ЈА ЗАПОЧНА ПОСТАПКАТА ЗА НАРОДНИОТ МУЗЕЈ ПАК ДА СТАНЕ НАЦИОНАЛНА ИНСТИТУЦИЈА

    ОПШТИНА ВЕЛЕС ЈА ЗАПОЧНА ПОСТАПКАТА ЗА НАРОДНИОТ МУЗЕЈ ПАК ДА СТАНЕ НАЦИОНАЛНА ИНСТИТУЦИЈАГодинава Народниот музеј во Велес одбележува 80 години постоење и е првиот основан во повоена Македонија (Фото: СДК.МК)

    Советот на Општина Велес едногласно ја усвои иницијативата Народниот музеј во Велес повторно да добие статус на национална установа. Со тоа би му се вратиле надлежностите што ги имаше до 2005 година, кога беше трансформиран во локална институција.

    „Ова е неопходен чекор, бидејќи Музејот изминатите години, по пензионирањето на стручниот кадар, се доведе во состојба да остане без кустоси и други стручни лица. Пред две години во институцијата имаше само тројца вработени. Народниот музеј се грижи за Спомен-костурницата, спомен-куќите во историското Горно Врановци, родните куќи на Кочо Рацин и Васил Главинов, како и за куќите на Касапови и на Џинот. Во негова надлежност се и спомен-куќите на Петар Поп Арсов во Богомила и на Коле Неделковски во селото Војница. Спомен-костурницата веќе неколку години нема чувар, а во Музејот нема туристички водичи ниту историчар што ќе им го претстави историското наследство на посетителите“, рече Слободан Ников, историчар и претставник на иницијаторите од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

    По усвојувањето од Советот, иницијативата ќе биде доставена до Министерството за култура и туризам, кое треба да ја разгледа можноста за враќање на статусот на национална институција.

    Народниот музеј во Велес се грижи за 11 значајни објекти од културното наследство, од кои дел се споменици од прва категорија. Во негов состав функционираат четири одделенија – археолошко, етнолошко, одделение за историја на уметност и историско одделение. Во моментов целосно функционираат археолошкото и одделението за историја на уметност, додека историското и етнолошкото се соочуваат со недостиг од стручен кадар. Спомен-костурницата, како еден од најзначајните објекти што ги управува Музејот, нема вработен чувар ниту организирана чуварска служба.

    Годинава Народниот музеј во Велес одбележува 80 години од своето постоење. Тој е првиот музеј основан во повоена Македонија, а негов основач е Ѓорѓи Милошев, тогашен професор во велешката гимназија, кој подоцна стана архиепископот Гаврил на Македонската православна црква (МПЦ).

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира