Меѓу 4 и 8 август конечно ќе се асфалтира улицата Козара, зад Здравствениот дом во Битола, најави градоначалникот Тони Коњановски. Улицата беше раскопана пред една година и четири месеци. Општината во изминатиот период беше често критикувана бидејќи сѐ уште не е поставен асфалт на трите улици, Козара, Панде Николов и 11 Март, сите зад Здравствениот дом, во центарот на градот, чија реконструкција започна уште во 2025 година.
Коњановски најави дека по барање на граѓаните на Козара ќе биде поставен асфалт наместо калдрма како што беше досега. За калдрмата што се отстранува при реконструкцијата на улиците рече дека се чува во Јавното претпријатие „Нискоградба“ и дека се води строга контрола за тоа каде и зошто се користи.
„Онаму каде што имавме мал застој, за кој им се извинивме и на граѓаните, е потегот зад Здравствениот дом. По асфалтирањето на Козара, ја отвораме четвртата улица, Чеде Филиповски, за реконструкција. Активностите продолжуваат. Често прашувам дали оперативата е подготвена да ги следи сите овие активности. Не постои улица што ја реконструираме, а да нема комплетна реконструкција на канализацијата, водоводната мрежа, електричната инсталација и коловозот“, рече Коњановски.
Козара се наоѓа во непосредна близина на кракот од улицата Дебарска, кој се реконструира откако невремето на 24 јуни ја разори улицата. При обилните врнежи од дожд на 16 јули, дел од улиците зад Здравствениот дом беа блокирани, бидејќи водата носеше кал и камења.
Задоцнетото асфалтирање на Козара беше повод и за герилска акција на независната граѓанска иницијатива „Поинаку“. Нејзините претставници на 7 април со торта и балони одбележаа една година откако започна реконструкцијата на сообраќајницата.
„Ќе зборуваме за убави работи во Битола“, рече Габриела Илиевска, алудирајќи на изјавата на градоначалникот Коњановски во Советот дека во градот има поубави работи од дупките. „Дојдовме на оваа улица затоа што пред точно една година беше отворена и почна да се работи. Денес гледаме колку убаво изгледа. Токму затоа, на седницата го замолуваме мнозинството во Советот да ја поддржи нашата иницијатива оваа улица да се преименува во ‘Тони Коњановски’, за градот да запамети дека тој правеше само убави работи“, рече Илиевска за време на акцијата.
Ден подоцна, на 8 април, Коњановски се сними на Козара, извинувајќи им се на граѓаните, и рече дека градежните активности влегуваат во завршна фаза.
„Политички памфлети со проблемите на граѓаните не ни се потребни. Тоа е за едни други и поинакви. Јас имам обврска да ги кажам причините за состојбите. Долго време работите беа закочени затоа што локациите се наоѓаат во заштитеното подрачје, старото градско јадро, што бара дополнително време за постапување од надлежните институции“, рече Коњановски.
Четирите улици се дел од Проектот за трајни промени на Владата, која преку Министерството за транспорт и врски инвестира над 13 милиони денари (над 210.000 евра) за реконструкција на сообраќајниците.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



