Утре ( 26 јули) во 20: 30 часот, во Музејот на Град Скопје ќе се отвори изложбата „Архив на тага: Скопје 1963“, со фотографии на етномузиколог и фоклорист Васил Хаџиманов од тажачките обреди по земјотресот. Монографијата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 година“ од Ана Мартиноска и Жарко Иванов беше промовирана во декември 2023.
Веднаш по земјотресот во Скопје на 26 јули 1963, Хаџиманов со касетофон ги снимал тажачките песни или народски кажано редачките на гробиштата на погребите на загинатите, потоа нотно и текстуално ги запишувал, а овие белешки и снимки стоеле долго во архивата на МАНУ, каде што ги однел неговиот син Зафир.
Утре покрај изложбата, ќе биде промовирано и дополнетото и двојазично (на македонски и англиски) издание на книгата „Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (Од архивските материјали на Васил Хаџиманов)“.
Настанот се одвива во знакот на одбележувањето на 120-годишнината од раѓањето на Васил Хаџиманов.
„Книгата и изложбата отвораат два влеза во истиот архив: преку зборот и преку фотографијата, преку гласовите на жените што ја оплакувале загубата и преку погледот што ги сочувал нивните лица, движења и обреди. Овие архивски материјали, повеќе од шест децении недостапни за јавноста, денес сведочат за тагата како лично искуство, заеднички обред и дел од културната меморија на градот“, велат авторите.



