ЛИМ ВИСИ ЗАКАЧЕН НА ДРВЈА ВО СКОПСКИ КАРПОШ 4 ДЕНА ПО НЕВРЕМЕТО

    ЛИМ ВИСИ ЗАКАЧЕН НА ДРВЈА ВО СКОПСКИ КАРПОШ 4 ДЕНА ПО НЕВРЕМЕТОПросторот на тротоарот е ограден со жолта лента, но сепак е небезбедно за минувачите. (Фото: СДК.МК)

    Четири дена по невремето во Скопје, лим од покрив сѐ уште виси закачен на дрвајата на булеварот Партизански одреди во скопската Општина Карпош. Просторот на тротоарот е ограден со жолта лента, но сепак е небезбедно за минувачите.

    Од Општина Карпош денеска соопштија дека ова е една од најпогодените општини, со голем број материјални штети.

    „Правиме максимални напори што е можно побрзо да го ослободиме јавниот простор од паднати дрвја, оштетени кровови и други последици од невремето. Наш приоритет е безбедноста на граѓаните и што побрзо враќање на нормалното функционирање на јавниот простор“, велат од Општината.

    Ветерот кој дуваше во Скопје, Штип и во Струмица на 21 јули имал јачина на оркан/ураган, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

    По невремето со силен ветер и дожд што на 21 јули ја зафати територијата на Македонија, преку единствениот број за итни повици 112 беа примени над 9.000 повици од граѓани. Во Скопје до 22 часот беа евидентирани 117 оштетени патнички моторни возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрва, 7 семафори, 5 пожари и 33 повредени лица.

    Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе ги  обесштети граѓаните кои претрпеа штета од невремето.

    „Што се однесува до обештетувањето на граѓаните кои претрпеа штета од невремето кое што се случи, само можам да кажам дека општините и институциите под општините формираат комисии. Граѓаните кои имаат штета треба да ја пријават таа штета во комисиите. Тие ќе направат проценка и потоа во Комитетот за проценка на штети ќе ги достават до Владата, а ние согласно закон и пракса ќе интервенираме и ќе ги обештетиме оние граѓани кои што ќе пријават штета. Апелирам до граѓаните оние кои имаат штета да пријават, да излезе Комисија да ја констатира и да добиеме ние како Влада спецификација на тие штети, за да можеме да ги обештетиме“, рече Мицкоски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира