ВЛАДАТА ЌЕ ГИ ОБЕСШТЕТИ ГРАЃАНИТЕ КОИ ПРЕТРПЕА ШТЕТИ ОД НЕВРЕМЕТО, РЕЧЕ МИЦКОСКИ

    ВЛАДАТА ЌЕ ГИ ОБЕСШТЕТИ ГРАЃАНИТЕ КОИ ПРЕТРПЕА ШТЕТИ ОД НЕВРЕМЕТО, РЕЧЕ МИЦКОСКИВетерот со јачина на ураган, предизвика паднати дрвја и гранки, оштетени возила, покриви, фасади, урбана опрема и приватен имот. (Фото: К. Попов)

    Владата ќе ги обесштети граѓаните кои претрпеа штета од невремето, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски. Ветерот кој дуваше во Скопје, Штип и во Струмица на 21 јули имал јачина на оркан/ураган, соопшти вчера Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

    По невремето со силен ветер и дожд што на 21 јули ја зафати територијата на Македонија, преку единствениот број за итни повици 112 беа примени над 9.000 повици од граѓани. Во Скопје до 22 часот беа евидентирани 117 оштетени патнички моторни возила, 35 оштетени покриви, 189 паднати дрва, 7 семафори, 5 пожари и 33 повредени лица.

    „Што се однесува до обештетувањето на граѓаните кои претрпеа штета од невремето кое што се случи, само можам да кажам дека општините и институциите под општините формираат комисии. Граѓаните кои имаат штета треба да ја пријават таа штета во комисиите. Тие ќе направат проценка и потоа во Комитетот за проценка на штети ќе ги достават до Владата, а ние согласно закон и пракса ќе интервенираме и ќе ги обештетиме оние граѓани кои што ќе пријават штета. Апелирам до граѓаните оние кои имаат штета да пријават, да излезе Комисија да ја констатира и да добиеме ние како Влада спецификација на тие штети, за да можеме да ги обештетиме“, одговори Мицкоски на новинарско прашање по пуштањето во употреба на реконструираниот градски базен во Општина Кавадарци.

    Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски вчера соопшти дека имале координативен состанок со скопските градоначалници и Кризниот штаб на Град Скопје, на кој ги сумирале штетите и последиците од силното невреме.

    „Скопските општини ќе формираат комисии пред кои граѓаните ќе можат да ги пријават штетите предизвикани од невремето. Во координација со Владата  и претседателот Христијан Мицкоски, ќе се врши стручна процена на пријавените штети, по што, согласно законската регулатива и воспоставена пракса ќе започне постапка за поддршка на граѓаните при санацијата на оштетувањата на објектите за домување. Истовремено, со колегите градоначалници договоривме општинските градежни инспектори, инспекторите за домување и другите надлежни служби да извршат засилени и строги контроли. Ќе се проверуваат сите позиции и објекти каде што имаше оштетени кровни конструкции за да се утврдат причините за истото, земајќи во предвид дека, одржувањето на истите треба да го имаат куќните совети“, соопшти Ѓорѓиевски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира