ЗГОЛЕМЕН БРОЈ НА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ПРЕНЕСЕНИ ОД КОМАРЦИ, КЛЕКОВСКИ АПЕЛИРА НА ВНИМАТЕЛНОСТ И ЛИЧНА ХИГИЕНА ПРИ ПАТУВАЊА ВО ЗАНЗИБАР И МАЛДИВИ

    ЗГОЛЕМЕН БРОЈ НА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ПРЕНЕСЕНИ ОД КОМАРЦИ, КЛЕКОВСКИ АПЕЛИРА НА ВНИМАТЕЛНОСТ И ЛИЧНА ХИГИЕНА ПРИ ПАТУВАЊА ВО ЗАНЗИБАР И МАЛДИВИ„Би препорачал посебна внимателност во личната заштита од комарци, посебно покрај застоени води,  значи таму каде што има бари, мочуришта и слично“. рече Клековски. (Фото: К. Попов)

    Министерот за здравство Сашо Клековски апелираше на голема внимателност кај граѓаните кои патуваат во Африка и регионот на Индискиот Океан, особено Занзибар и Малдиви, по зголемениот број на случаи со преносливи болести од комарци.

    Клековски рече дека во опсервација се четири вектор преносливи болести: маларија, денга, зика и западнонилска треска. Сите се пренесуваат со комарци, меѓутоа сите имаат различни од тек, па сè до епидемиолошки различни патеки.

    „​Бидејќи влегуваме во висока сезона на одмори и влегуваме во период на поголеми температури, сакав да споделам дека после две години немање случаи на маларија, оваа година имаме четири случаи на маларија. и сите четири се поврзани со Африка и Индискиот Океан, поточно со Малдиви и Занзибар.
    Денга имаме три случаи. Денгата е поврзана со Малдиви. И имаме еден случај на Зика, кој исто така е поврзан со Малдиви.
    Зиката има негативни влијанија на бремени жени, денгата е хеморагична треска – треба претпазливост,  маларијата може да биде и смртоносна во тешките облици. Би препорачал посебна внимателност во личната заштита од комарци, посебно покрај застоени води,  значи таму каде што има бари, мочуришта и слично. ​Повик до луѓето што патуваат во Африка и во Индискиот Океан, посебно сега Занзибар и Малдиви, да ги следат препораките од Светската здравствена организација (СЗО) за потребата за вакцинација и профилакса. Во Центарот за јавно здравје Скопје и во соодветните центри ги има соодветните препораки и профилакси“, рече министерот на денешната прес-конференција.

    Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) вчера објави дека во 2026 година, а заклучно со 27 јули, во Македонија се регистрирани осум случаи на западно-нилска треска од регистрираните случаи, а согласно дефиниција на случај, седум се водат како потврдени, а еден како веројатен.

    ​Два од осумте случаи се пријавени во јуни, а другите се актуелни во моментот. Еден е поврзан со патување во Грција, другите се локални случаи од Повардарието, одноносно како што рече Клековски, од ниското скопско поле и од Велес.

    „​Во моментот е издадена насока до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да ги исконтролира стадиумите на дезинсекција во општините и спрема контролите, сите значајни општини се со завршена програма на дезинсекција, со исклучок на неколку помали општини кои во моментот не се поврзани, се далеку од случаите. Кај седум од случаите извршена е дополнителна дезинсекција на радиус од 200 метри од нивното место на живеење, што е стандардна епидемиолошка постапка. Еден одби да се изврши во неговиот круг, но дополнително пак ќе се исконтактира.
    ​Подготвени сме веќе за ваква состојба од минатата година, кога беа првите случаи на југот од земјата. Од лани во програмата на Институтот за трансфузиона медицина, покрај хепатитис, ХИВ, е и западнонилскиот вирус, т.е. западнонилската треска како стандардно тестирање на крвта од април до октомври, за да се избегне евентуална трансмисија преку дарување на крв“, рече Клековски.

    Министерството за здравство дополнително комуницира со Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) околу следење на комарците. Сите овие четири болести се пренесуваат со комарци, комарци кои ги има како тип во Македонија, иако за претходните три се јасни импортирани случаи.

    Во однос на тоа дали има лекови за третман на маларија, рече дека во моментот ги нема на лагер, оти последните две години немаше случаи на маларија и се предмет на интервентен увоз.

    „Конкретно за маларија правиме анализа за достапноста. Има базични лекови кои се широко достапни се од групата на антибиотици, иначе доксициклин, анегација и слични антибиотици. А другите што се поспецифични за третман во моментот, во моментот е точно е дека ги нема редовно на пазарот  оти последните две години немаше случаи на маларија и се предмет на интервентен увоз. Се работи на тоа и ќе бидат достапни, се надевам, наскоро“, кажа Клековски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира