Спасувачките екипи во јужниот дел на Јапонија водат интензивна трка со времето за пребарување на преживеани под урнатините, 24 часа по силниот земјотрес што ја погоди оваа област, кажа јапонската премиерка Санае Такаичи. Таа соопшти дека бројот на загинати во земјотресот се искачи на 13 лица.
Земјотресот со јачина од 6,8 степени според Рихтеровата скала ја погоди префектурата Кумамото. Според изјави на сеизмолошки експерти за локалните медиуми, потресот најверојатно настанал како последица на активирање на преостанат, нерасцепен дел од раседната зона која предизвика разурнувачки земјотреси во истиот регион во 2016 година.
Професорот Шиничи Сакаи од Институтот за истражување земјотреси при Универзитетот во Токио објасни за јавниот сервис НХК дека овојпат дошло до поместување на дотогаш неактивен сегмент од раседната зона Хинагу. Во април 2016 година, во два последователни земјотреси со јачина од 6,2 и 7,0 степени во оваа зона загинаа над 270 лица.
Сеизмологот Шинџи Тода за агенцијата „Кјодо“ изјави дека потресите од 2016 година создале значителен притисок и акумулиран стрес во карпестите слоеви, што резултирало со ново поместување по должината на раседот Хинагу.
Јапонската метеоролошка агенција засега нема излезено со директна официјална потврда за поврзаноста меѓу новиот земјотрес и настаните од пред десет години.



