Три нови случаи на западно-нилска треска се потврдени вчера (28 јули), кажа денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Според Институтот за јавно здравје заклучно со 27 јули, во Македонија беа регистрирани осум случаи на западно-нилска треска од регистрираните случаи.
„Вчера се потврдени три случаи. До вчерашниот ден не беа потврдени, два се на Инфективната клиника, еден на Неврологија. Тој на Неврологија е потврден само на еден од тестовите. Кај овие пациенти се прават прегледи по повеќе методи на повеќе места, значи ликвор, секрети и други тестови. Секако, веднаш се прават епидемиолошки анкети со нив“, рече Клековски на прес-конференција во Владата.
За ова прашање заседава Комисијата за заразни болести и како што кажа министерот, потврдено е дека надвор од случаите што се поврзани со Грција, има случаи коишто дефинитивно не патувале надвор од земјата и со место на живеење се во подрачјето на Скопско поле.
„Таму веќе се преземени стандардните мерки, тоа е дезинфекција на подрачјето во радиус од 200 метри околу местото на живеење на потврдените случаи. И ова го работи Центарот за јавно здравје, значи ова веќе не е обврска на општината, ова е обврска на Центарот за јавно здравје Скопје. Ќе видиме спрема препораките и мапирањето на случаите дали ќе треба да се прави дополнително прскање од земја.
Така што Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести работат на мапирање на случаите и ќе се преземат дополнителни мерки. Досега, колку што знам, има само еден случај од Велес. Чекаме да видиме каква е епидемиолошката анкета таму за да видиме каква е поврзаноста“, кажа Клековски.
Директорот на Клиниката за инфективни болести д-р Фадил Цана за МИА изјави дека здравствената состојба 76-годишен скопјанец, кој е сместен на одделот за интензивна нега на Клиниката за инфективни болести, сè уште е сериозна и е на респираторна поддршка.
Лицето кое е во сериозна здравствена состојба веќе една недела е на Клиниката и не патувало надвор од државата.
„Кај сите хоспитализирани има вирусно воспаление на мозокот и мозочните обвивки. Симптомите се висока температура, силна главоболка, дезориентираност, нарушена свест“, вели д-р Цана.
Хоспитализираните заразата ја добиле од инфициран комарец, периодот на инкубација вообичаено трае од три до 14 дена по каснувањето, а повеќето поминуваат и без да знаат за присуството на вирусот.
Б. НЕСТОРОСКА



