Бизнисменот Борче Марковски, обвинет за злоупотреби со тендери во РЕК „Битола“ вредни 1,7 милиони евра, не побегна од државата и на 1 август ќе се врати од Србија, вели за САКАМДАКАЖАМ.МК неговиот адвокат Марјан Николоски. Тој рече дека Марковски е заминат за Србија на неколку дена на работни состаноци поврзани со компанијата која ја управува таму.
„В сабота ќе биде во Македонија, денес и утре е на состаноци во Србија каде има сериозна фирма која без него не може да функционира. И затоа беше побаран пасошот. Има сериозна гаранција оставено во судот. Сабота околу пладне ќе биде во Македонија. Не станува збор за бегање, тоа нема апсолутна врска со вистината. Легално ја помина границата оти бизнисот во Србија му е сериозен и мора да функционира. Ако е осомничен не значи дека треба да ги затвори сите фирми“, рече Николовски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Битолскиот бизнисмен Борче Марковски и конзул на Белорусија во Македонија, вчера преку граничниот премин „Табановце“ кон Србија отпатува надвор од државата откако претходно Основниот суд во Струга му го врати пасошот откако приложил гаранција над 5 милиони евра. При преминот на границата, Марковски бил задржан на полициска проверка, но потоа му било дозволено да помине, бидејќи во системот немало активна мерка што го спречува да ја напушти државата. Со тоа Марковски, против кого се води судски спор за злоупотреби на тендери и има рочиште закажано за 2 септмеври 2026, без заобиколување, на легален премин излезе од Македонија.
Од МВР соопштија дека полицијата постапува исклучиво според активните судски и други одлуки внесени во службените системи.
Претседателот на Основниот суд во Струга, Вулнет Винца, каде е префрлен судскиот процес против Марковски, за медиумите изјави дека пасошот му бил вратен затоа што обвинетиот приложил гаранција поголема од пет милиони евра. Според објаснувањето од Судот, не можело истовремено правно дејство да имаат и гаранцијата во имот и одземањето на пасошот.
Од Јавното обвинителство соопштија дека во случајот Марковски, барањето за укинување на дополнителните мерки за претпазливост било поднесено од одбраната на обвинетиот.
Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струга првично на 15 јуни 2026 дал негативно мислење за прифаќање на ова барање. Откако одбраната поднела ново барање, тој го реферирал предметот во Вишото јавно обвинителство Битола. Од таму вишиот јавен обвинител побарал да се даде позитивно мислење, односно да се уважи предлогот на одбраната за враќање на привремено одземената патна исправа.
„Како аргументи за ваквата одлука, Вишиот јавен обвинител изнесува став дека со определената гаранција се исклучени околностите кои укажуваат на опасност од бегство на обвинетиот. Воедно, се прифаќаат аргументите на одбраната дека обвинетиот поседува фирма во Србија чие работење е сериозно доведено во прашање и постои можност да биде нанесена ненадоместлива штета доколку тој во најкраток можен рок не отпатува таму за да потпише документација во врска со работењето на фирмата. Сите аспекти на ваквата одлука и соодветната аргументација ќе бидат испитани. Во моментов, не може да се смета дека обвинетиот е во бегство и тој има обврска да се јавува пред судот“, соопштија од Јавното обвителство.
Марковски како сопственик на „Марковски компани“ е меѓу осумте обвинети физички лица, а неговата компанија „Марковски компани“ како правно лице, за злоупотреби со тендери за дислокација на погонските станици од рудникот Осломеј во рудниците во Битола вредени 1,7 милиони евра.
Марковски беше упасен во октомври 2025, а од притвор беше пуштен во јануари 2026 со гаранција во износ од 303.879.265,00 денари или 4.9 милиони евра во недвижен и подвижен имот.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



