Деветмина се повредени во сообраќајната несреќа меѓу две возила претпладнево на експресниот пат Градско-Прилеп. Двајца се потешко повредени и се пренесени на клиниките во Скопје, а четири момчиња од Битола попладнево се пуштени од Велешката болница.
Први на терен стигнале екипите на велешката Служба за итна медицинска помош, од каде велат дека е интервенирано е со две екипи, дадена е неопходната здравствена помош и сите девет повредени патници се пренесени во Велешката болница.
„Претпладнето се примени девет повредени лица, во сообраќајна несреќа на два автомобила. Тешко повредени се двајца патници, маж и жена кои биле во исто возило. По извршени снимања, жената е со скршеници на лицеви коски и упатена на Клиниката за максилофацијална хирургија за понатамошен третман, а мажот е со комплексна скршеница на десната подлактица и на негово барање е упатен во приватна болница во Скопје. Двајцата повредени се транспортирани со возило на болницата и медицинска придружба. Останатите седум патници се со лесни повреди, РТГ иследени и задржани во нашата болница за опсервација. Попладнево четирите момчиња се пуштени на домашно лекување“, соопшти д-р Анамарија Џунџева, портпаролката на Општата
Од велешката полиција рекоа дека во СВР Велес било пријавено оти околу 08:20 часот на експресниот пат на делницата од Градско кон Прилеп, во близина на Градско, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „ауди“ со битолски регистарски ознаки, управувано од 44-годишната А. Д. од Битола и патничко возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Д. Ѓ. (48) од Скопје.
„Во несреќата тешки телесни повреди добиле возачот на патничкото возило ‘хјундаи’ и О. Г. (45) од Скопје, сопатничка во истото возило, а телесни повреди добиле С. Д. (50) и С. П. П. (42), двете од Скопје, сопатнички во патничкото возило ‘хјундаи’, како и возачот на патничкото возило „’ауди’ и сопатниците во неговото возило, М .Д. (18), А. М. (18) и двајца 17-годишници, сите од Битола, констатирани во Општа болница Велес“, кажа Билјана Ѓаковска од СВР Велес.
Сообраќајот на експресниот пат на делницата од Градско кон Прилеп беше затворен за сообраќај три часа и нормализиран во 11:35 часот.
П. ПЕЧКОВ



