За прв пат од постоењето на Здружението на пензионерите од Кавадарци во самостојна Македонија, на претстојните локални избори ќе кандидираат сопствена советничка листа заради избор на свој претставник за независен член во општинскиот Совет.
Здружението, кое брои над 7 илјади членови, оваа одлука ја донесе на последната седница на своето собрание.
„Сакаме наш човек да влезе во Советот, кој ќе ги застапува интересите на пензионерите од Кавадарци и Росоман. На седницата донесовме и одлука и формиравме комисија од три члена за да ги испитаат можностите како да излеземе на избори како група на граѓани пензионери“, вели претседателот на Управниот одбор Ристо Анѓушев.
Еден од приоритетите на задружението е изградбата на одморалиште за пензионери во кавадаречкото село Чемерско.
Проектот е готов, се чека формирање на Владата за да може да се откупи државно земјиште и да се стартува со градбата на објектот.