Најмалку 18 мигранти загинаа обидувајќи се да стигнат до шпанската ексклава Сеута, каде што Шпанија ја распореди својата војска откако над 49.000 луѓе ја пробија границата со Мароко и навлегоа на малата шпанска територија.
Откако голем број мигранти по морски пат стигнаа до шпанската северноафриканска ексклава Сеута, владата на Шпанија одлучи да испрати војници во градот. Според Министерството за внатрешни работи, до денеска треба да бидат распоредени три воени единици со по 20 војници, една нуркачка единица и еден воен брод. Дополнително, бројот на припадници на специјалните полициски единици ќе биде зголемен на 200. Владата соопшти дека војниците ќе ѝ помагаат на Граѓанската гарда во одржувањето на безбедноста во градот Сеута.
Според властите, во изминатите денови пристигнале повеќе од 1.500 мигранти, с над 49.000 за 24 часа. Сеута, како шпански град на северноафриканскиот брег, е дел од територијата на Европската Унија и граничи со Мароко.
Прифатните центри се повеќекратно преполнети, а многу луѓе во моментов живеат и спијат на отворено. Шпанските власти, исто така, известија дека најмалку 18 лица загинале при обидот да стигнат до Сеута.
Претседателот на синдикатот на Граѓанската гарда, Рашид Сбихи, ја опиша ситуацијата во градот како целосен хаос. Според него, границата практично колабирала.
„Не е можно да се дадат прецизни бројки, но илјадници мигранти ја преминуваат границата“, изјави тој.
Ашраф Маимуни од Мароканското здружение за човекови права кажа дека има исклучителна ситуација.
„Границата кај Тарахал беше отворена утрово под невообичаени околности и луѓето ја преминуваа“, рече тој.
Мароканските власти досега не се изјаснија за овие наводи.
Регионалниот претседател Хуан Хесус Вивас ја повика централната влада во Мадрид, од „причини на националната безбедност“, да прогласи вонредна состојба. Тој исто така побара дополнителни полициски сили и армијата да бидат испратени на границата меѓу Мароко и Сеута. Сепак, владата го одби барањето за прогласување национална вонредна состојба.
Европската Унија понуди поддршка на Шпанија. Комесарот за миграција Магнус Брунер на платформата Икс соопшти дека ја изразил „подготвеноста на ЕУ дополнително да ја поддржи Шпанија, меѓу другото и преку Фронтекс, за ситуацијата да биде ставена под контрола“. Тој нагласи дека заштитата на надворешните граници на ЕУ е „суштински дел од нашите напори во борбата против илегалната миграција“.
Можно објаснување за развојот на настаните е пресудата на Врховниот суд на Шпанија од почетокот на јули. Според неа, лицата кои ќе бидат пронајдени во морето при обид пливајќи да стигнат до Сеута не смеат веднаш да бидат вратени во Мароко. Наместо тоа, мора да биде спроведена редовна постапка согласно законите за странци.
Шпанското Министерство за внатрешни работи ги обвинува мрежите за криумчарење луѓе дека ја злоупотребуваат оваа пресуда.
Во исто време, на социјалните мрежи се шират видеа од успешни преминувања на границата, како и повици за нови обиди. Според локален новинар кој зборувал за агенцијата ЕФЕ, таквите акции се подготвуваат и координираат во затворени групи на апликации за пораки. Сепак, останува нејасно зошто вчера обезбедувањето на копнената граница привремено потфрлило.
Последен пат Сеута се соочи со слична ситуација во 2021 година. Тогаш, за само два дена, пристигнале повеќе од 8.000 лица, во период на сериозна политичка криза меѓу Шпанија и Мароко. Овојпат нема индикации за таков политички конфликт. Сепак, во Сеута расте загриженоста од натамошна ескалација.
Сите политички партии во градскиот парламент заеднички побараа поостра реакција: „Државните безбедносни сили треба да бидат дополнително засилени, а армијата да биде ангажирана за заштита на границата и јавната безбедност.“
Премиерот Педро Санчез и министерот за внатрешни работи Фернандо Гранде-Марласка најавија дека во денеска ќе дојдат во Сеута за лично да се запознаат со состојбата на терен.



