БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА ДОБИ 82 НОВИ ВРАБОТУВАЊА, НО УШТЕ НЕ Е РЕШЕН СТАТУСОТ НА ВОЛОНТЕРИТЕ

    БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА ДОБИ 82 НОВИ ВРАБОТУВАЊА, НО УШТЕ НЕ Е РЕШЕН СТАТУСОТ НА ВОЛОНТЕРИТЕСо помош на општествено одговорни компании Битолската болница доби современ влез. (Фото: Влада на РСМ)

    Во Клиничката болница во Битола реализирани се 82 вработувања на неопределено време со што се подобрува екипираноста на установата, но уште не е решен статусот на медицинскиот и немедицински персонал на кои договорите им истекоа во декември, па сега волонтираат без паричен надоместок.

    Додека премиерот Христијан Мицкоски при денешната посета на Клиничката болница во Битола, одговараше на новинарски прашања, му пријде граѓанин и јавно го праша што ќе биде со статусот на волонтерите кои се оставени без паричен надоместок.

    „Статусот не им е регулиран, а работат повеќе од вработените што се на плата“, рече граѓанинот.

    Мицкоски препушти да одговорат директорката на болницата и министерот за здравство Сашо Клековски. Директорката д-р Ненси Лозанче рече дека цело време се залагаат кај надлежните институции за решавање на нивниот статус, но, нема одговор.

    „Имаа договори на дело кои траеја до декември, тие согласности истекоа, побаравме да добиеме согласност за понатамошни договори или вработувања, но одговор немаме. Желба е на волонтерите да доаѓаат на работа, а ние мораме правно да го регулираме статусот. Работат како што треба да се работи во болницата и се надевам дека во најскоро време ќе се реши, нашите заложби се постојани, сме во постојата комуникација и со Министерството за здравство, Министерството за финансии и Фондот за здравство“, рече д-р Лозанче.

    Клековски рече дека си зема обврска од 4 август да се информира до каде е стигнат случајот.

    Премиерот Мицкоски при денешната обиколка на болницата, беше запознат со новите инвестиции во опрема, инфраструктура и вработувањата. Директорката изјави дека Болницата е опремна со нова и модерна апаратура меѓу која и колоноскоп, апарат за оптичка кохерентна томографија, Декса апарат и друго, а со помош на општествено одговорни компании установата доби современ влез. Таа додаде дека болницата прва започна соработка со Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија во Скопје, па наместо онколошките пациентите да патуваат, доктори од таму доаѓаат да ги лекуваат во Битола. Направен е и договор со доктор од Клиниката за педијатрија за децата со атипичен развој да доаѓа во Битола, наместо оваа ранлива категорија да патува по болници во Скопје.

    Министерот за здравство Клековски рече дека неопходна е децентрализација на здравството и најави дека во иднина терапијата за мултиплекс склероза освен во Скопје, ќе може да се прими и во Битолската болница.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира