Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска повика на широк граѓански фронт за слободна Македонија, а против Никола Груевски. Тој повика во платформата за слободна Македонија да се приклучат коалициските партнери на СДСМ, политичките партии, невладините организации, здруженијата, синдикатите и други.
– Заедно со граѓаните да ја вратиме демократијата и да ја донесеме слободата, бидејќи тоа сега не е прашање на личен избор туку прашање на Македонија и на нејзината иднина. Демократска Македонија не прифаќа лажни избори. Слободна Македонија за фер и слободни медиуми, за независни институции, за вистинска борба против корупцијата и криминалот. Ги повикувам сите оние кои си ја сакаат државата, да се приклучат кон оваа борба – изјави Заев на прес-конференцијата.
Одговарајќи на новинарски прашања, Заев потврди дека СДСМ нема да учествува на изборите и повторно ги повика невладините организации, здруженија и слични асоцијации да се приклучат во платформата.
Заев додаде дека имаат многу опции на располагање меѓу кои блокирање улици, плоштади, градови и села и истакна дека не планираат „изборите да ги гледаат на телевизија“.
Лидерот на СДСМ остави можност наскоро да се случи и нова средба како онаа од Пржино, а со тоа и некакво поместување на политичката криза.
Тој рече дека не би го изненадило ако Груевски се обиде да го затвори Специјалното јавно обвинителство, но додаде дека во таков случај, прислушуваните разговори ќе треба да се вратат во рацете на СДСМ.
Заев изјави и дека министрите Оливер Спасовски и Фросина Ременски не можат да си дозволат да не ги почитуваат законите и рече дека многу луѓе и процеси во државата зависат од овие министри и затоа тие мора да продолжат да си ги извршуваат законските обврски.
Во врска со повлекувањето на членовите на Државната изборна комисија, лидерот на СДСМ рече дека утре ќе одржат состанок со коалициските партнери и потоа ќе донесат одлука дали ќе ги повлечат членовите од ДИК.