ДРЖАВАТА ИЗБРА ФИРМА БЕЗ ЛИЦЕНЦА ЗА ДА ЈА ИЗГРАДИ ЗАШТИТНАТА НАСТРЕШНИЦА НА ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО, УПРАВАТА НЕ ДАДЕ КОНЗЕРВАТОРСКО ОДОБРЕНИЕ

    ДРЖАВАТА ИЗБРА ФИРМА БЕЗ ЛИЦЕНЦА ЗА ДА ЈА ИЗГРАДИ ЗАШТИТНАТА НАСТРЕШНИЦА НА ЦРКВАТА ВО КУРБИНОВО, УПРАВАТА НЕ ДАДЕ КОНЗЕРВАТОРСКО ОДОБРЕНИЕБарателот беше задолжен да прибави лиценца за правното лице каде е заверен проектот и овластување за одговорниот проектант во согласност со Законот за градење. Во одново доставената документација, правното лице каде е заверен проектот не поседува лиценца за изработка на проектна документација и овластување согласно закон, вели Управата за заштита на културното наследство. (Фото: СДК.МК)

    Иако поранешниот министер за култура Зоран Љутков на 22 јуни тврдеше дека е надминат 13-годишниот проблем за поставување заштитна настрешница над црквата „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново, таа сѐ уште не може да се постави. Управата за заштита на културното наследство повторно одбила да издаде конзерваторско одобрение, наведувајќи недостатоци во доставената документација.

    Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, ни изјави дека е одбиено и второто барање од Завод и музеј – Битола. Во документацијата доставиле изјава само од еден од повеќето сопственици на парцелата, а има и други недостатоци на проектната документација.

    „Барателот беше задолжен да прибави лиценца за правното лице каде е заверен проектот и овластување за одговорниот проектант во согласност со Законот за градење. Во одново доставената документација, правното лице каде е заверен проектот не поседува лиценца за изработка на проектна документација и овластување согласно закон. Поради овие и други недостатоци, Управата оцени дека не се исполнети условите за издавање конзерваторско одобрение“, рече Честоева.

    Имајќи предвид дека ова предолго трае, таа предлага да се разгледаат и алтернативни начини за заштита на фреските. На пример, панели поставени паралелно со фасадата, жалузини и слично кои ќе овозможат заштита од УВ зрачење, дожд или град, а нема да навлегуваат во соседните парцели.

    Во меѓувреме, започна реставрацијата и конзервацијата на надворешниот фрескоживопис на црквата која е еден од најзначајните византски средновековни споменици на културата на Балканот, познат по фреската на ангелот Гаврил како македонската „Мона Лиза“. Но, заштитните тремови, неопходни за заштита на фреските, сѐ уште не се поставени.

    Проблемот трае со години. САКАМДАКАЖАМ.МК на 26 март 2026 објави дека поради необезбедена согласност од приватните сопственици на парцелата, со која граничи едниот ѕид од црквата, не можеше да се постави заштитна настрешница. На приватниот имот е и целиот сегашен приод кон црквата: скалите, паркингот, како и горниот дел на асфалтниот пат, а земјиштето досега не беше експроприрано. Поради ова, Управата за заштита на културното наследство имаше одбиено да издаде конзерваторско одобрение за да се изведат преостанатите конзерваторски зафати на надворешниот дел од црквата.

    Директорката на Завод и музеј – Битола, Маргарета Спасов, деновиве ни изјави дека е почната конзервација на надворешниот фрескоживопис, но без настрешница.

    „Втора сезона по ред се изведуваат работите во соработка со Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Грција. Во моментов работат двајца конзерватори од Грција заедно со битолски колеги. Но, уште немаме конзерваторско одобрение за настрешницата“, рече Спасов.

    Очигледно, моменталната ситуација е далеку од решение кое што на 22 јуни го најави тогашниот министер Љутков при посета на Битола.

    „Го решивме проблемот, како што ветив. Откако ја дадов задачата, во рок од две недели ги обезбедивме потребните дозволи, го најдовме сопственикот, ни даде согласност да можеме трајно да ја користиме. Сега документите се во Управата за заштита на културно наследство и веднаш по обезбедената дозола продолжуваме со работа во Курбиново. По 13 години голгота и потрошени средства, конечно го најдовме решението и продолжуваме со работа, во најкраток рок ќе биде завршен тој објект“, рече тогаш Љутков.

    Во црквата „Свети Ѓорѓи“ останува годинава да се продолжи со конзервацијата и реставрацијата на архитектурата и ѕидното сликарство однадвор на објектот. Внатрешната реставрација и конзервација на храмот и фрескоживописот, преку соработка на Завод и музеј – Битола со експерти од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, беше завршена во периодот на ексминистеркаta Бисера Костадиновска-Стојчевска и поранешната директорка на Завод и музеј Битола, Мери Стојанова. Реставрацијата започна уште во 2013 година. Екс министерката за култура Ирена Стефоска пак во 2020 година ги вклучи експертите за конзервација од Грција.

    Поради зафатите што треба да се направат од надворешната страна, електрификацијата и обезбедување на лице домаќин, храмот уште не е отворен за редовни посети.

    Овој црковен бисер, изграден во 1191, поради живописот со особените сликарски остварувања е еден од ретките претставници на уметничките текови од крајот на 12. век. Препознатлив е најмногу по оригиналната фреска на ангелот на благовестието Гаврил, кој од тука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира