Министерот за култура Зоран Љутков најави дека во најкус можен рок институционално ќе го решат проблемот со приватната парцела поради која не може да се постави настрешница над црквата „Свети Ѓорѓи“ од 12. век во Курбиново, за да продолжи конзервацијата и реставрацијата на архитектурата и ѕидното сликарство однадвор на објектот.
Љутков денеска ја посети црквата, откако на 27 март САКАМДАКАЖАМ.МК објави дека не можат да се постават заштитни настрешници на „Свети Ѓорѓи”, еден од најзначајните византски средновековни споменици на културата на Балканот, познат и како македонската „Мона Лиза“, зашто храмот со едниот ѕид граничи со приватна парцела. На приватниот имот е и целиот сегашен приод кон црквата: скалите, паркингот, како и горниот дел на асфалтниот пат, а земјиштето досега не е експроприрано.
Поради ваквите имотно-правни односи Управата за заштита на културното наследство одби да издаде конзерваторско одобрение за да се изведат преостанатите конзерваторски зафати на надворешниот дел од црквата. Станува збор за проект за конзервација и реставрација (втора фаза) на архитектурата на црквата која предвидува изградба на заштитни тремови (настрешници) за заштита на надворешниот фрескоживопис. За него претходно беше дадено позитивно мислење од стручната контрола и беше дел од Годишната програма на Министерството за култура за 2025.
„Во моментов, се соочуваме со одредени предизвици околу поставувањето на настрешницата која треба да го заштити ѕидното сликарство на западната страна од црквата. Разговарав и со директорката на Завод и музеј, со стручните тимови, но остварив и телефонски разговор со директорката на Управниот заштита на културното наследство, си дадовме најкраток можен рок да се реши овој проблем. Ќе помогне и Општина Ресен и градоначалникот. Во најкраток можен рок ќе гледаме да го решиме овој проблем за да можат да продолжат понатаму активностите“, рече Љутков при денешната посета на црквата и додаде дека досега секоја институција сама однесувала одлуки, сега ќе дејствуваат заедно.
Според порталот за електронски услуги на Агенцијата за катастар, „Св. Ѓорѓи“ е сместена на парцелата 174 чиј сопственик е црквата. Но, западниот ѕид од храмот е на границата на парцелата 173/1 на која како сопственици се јавуваат тројца членови од извесно семејство Ѓоргиевски.
На прашањето дали досега биле побарани сопствениците на парцелата, одговори дека бил пронајден еден од нив. Тој живее во странство, не се противи да се постави настрешница, но мора да се добие и писмена согласност.
„Ќе ги побараме наследниците, се надевам дека ќе нема проблем да се даде согласност и дозвола да поставиме настрешница која ќе биде времен објект или урбана опрема”, рече Љутков.
На прашањето на САКАМДАКАЖАМ.МК колку пари Министерството за култура издвои годинава за црквата во Курбиново, директорката на Завод и музеј Битола, Маргарита Спасов, рече дека се договориле кога ќе се среди делот со настрешницата , тогаш ќе се одредат средствата.
„Тоа прашање сега е отворено, издвоени се средства, но не е дефинирано“, рече Спасов.
Оливера Макриевска, кустос-советник во Завод и музеј Битола, посочи дека во моментов нема активности на терен зашто ги завршуваат административните постапки околу формирањето на мешаниот тим со експерти од Македонија и Грција кои ќе работат на конзервацијата. Редоследно прво треба да се постави настрешницата, па потоа да се пристапи кон реставрација и конзервација на сликарството на фасадата на црквата.
Овој црковен бисер, изграден во 1191, поради живописот со особените сликарски остварувања е еден од ретките претставници на уметничките текови од крајот на 12. век. Препознатлив е најмногу по оригиналната фреска на ангелот на благовестието Гаврил, кој од тука е пресликан на македонските банкноти од 50 денари.
Реставрацијата на храмот долго време беше заглавена низ административните лавиринти, а црквата оставена на забот на времето. Во 2020 тогашната министерка за култура Ирена Стефоска го прогласи Курбиново за културно наследство во опасност, откако ѕидовите на некои места распукаа, а фреските пожолтеа. За време на следната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска, Министерството за култура вложуваше поголема сума на пари за заштита на црквата. Во тоа време во Завод и музеј од Битола директорка беше Мери Стојанова, кога беше спроведена внатрешната реставрација и конзервација на храмот и фрескоживописот во соработка на експерти од Битола и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Грција.
Следниот директор Зоран Николовски најави дека храмот ќе го отвори за посетители на 9 февруари 2024 година, а потоа го одложи отворањето.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



