Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини вели дека состојбата со производство на струја во земјава е стабилно и во моментов не постојат индикации дека ниските водостои во Европа претставуваат ризик за сигурноста на домашното производство. Од таму додаваат дека заедно со ЕСМ и МЕПСО редовно ги следат хидролошките параметри, расположливите резерви и прогнозите, со цел навремено да се преземат сите потребни мерки доколку условите се променат.
„Состојбата со акумулациите во моментов е стабилна и овозможува сигурно управување со домашниот хидропотенцијал. Хидропотенцијалот е со вкупна исполнетост на акумулациите од околу 70 проценти. Тоа овозможува да се одговори на актуелните потреби во рамките на планираното производство Домашните акумулации се управуваат внимателно и согласно оперативните планови, што овозможува сигурно производство на електрична енергија и стабилно функционирање на електроенергетскиот систем. Истовремено, хидроелектраните продолжуваат да обезбедуваат и системски услуги неопходни за одржување на стабилноста на електроенергетската мрежа“, велат од Министерството за енергетика.
Минатата недела, водостојот на Дунав падна на најниско ниво во последните 30 години во неколку земји, вклучувајќи ги Србија и Романија, оставајќи ја единствената нуклеарна централа во Унгарија на работ на затворање. Сушата на Дунав, исто така, предизвикува сериозни прекини во снабдувањето со електрична енергија во Србија и Романија. Со контролирана експлозија на голема карпа на брегот на Дунав, Романија се обиде да го зголеми протокот на вода до нуклеарната централа Чернавода.



